Несреќата се случила малку пред полноќ во унгарскиот град Морахалом, во близина на границата со Србија
Возачот кој шверцувал 10 мигранти не застанал на полициската патрола и со голема брзина се забил во куќа
Седум лица загинаа, а четири се повредени, меѓу кои и возачот, кога возило со српски регистарски таблички, во кое имало мигранти, нешто пред полноќ удрило во куќа во унгарскиот град Морахалом, во близина на границата со Србија. Несреќата се случила откако возачот не застанал на знак на полициската патрола, соопшти денеска унгарската полиција.

На сајтот на унгарската полиција се појавија првите фотографии од местото на несреќата, на кои се гледа како полицијата спроведува истрага, како и возилото кое е речиси целосно уништено.

Возилото со 10 мигранти се движело во правец на Сегедин, а кога полицијата се обидела да го запре, возачот ја зголемил брзината, удрил во куќата и се превртел. Полицијата за агенцијата МТИ изјавила дека во несреќата што се случила во понеделникот вечерта е повреден и возачот, пренесува агенцијата Танјуг.
Возилото удрило во влезот на цвеќарницата, а од ударот е урнат дел од ѕидот. Возилото застанало на околу 20 метри од местото на несреќата. Задниот дел од возилото е скршен, додека предните делови се расфрлани на главниот пат, јавуваат унгарските медиуми.

Возачот е приведен и против него ќе биде покрената постапка за трговија со луѓе и предизвикување тешка сообраќајна несреќа, пренесува Ројтерс.
Трговијата со луѓе се казнува со затвор од една до пет години или од пет до 15 години во посебни случаи. Организаторот или сторителот на делото може да се казни со затвор од десет до дваесет години, пиува на сајтот на унгарската полиција police.hu.
Во текот на истрагата и спасувањето, полицијата го затвори главниот пат, додека сообраќајот се одвива по околните улици.