На врвот на Водно освен снежна покривка може да се види дека има и магла

Утринава скопјани имаа можност да посведочат ретка октомвриска глетка на Водно. На половина од планината имаше навеано снег. Ниските температури во текот на овие денови придонесоа не само во планинински делови од земјата да има снежни врнежи, туку и на другите повисоки места.

Првата мала снежна покривка над Скопје утринава е забележана и од камерите поставени на Водно од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Од видеата може да се забележи дека на врвот има снежна покривка, но и магла.
Утринава снежна покривка можеа да видат и жителите на Тетово.

На јутјуб-каналот на Здружението за промоција на македонски ски-центри, „Ски Македонија“, каде се емитува видео во живо од Попова Шапка, може да се види дека во текот на ноќта имало врнежи од снег.
Студениот воздушен бран што од вчера ја зафати земјава донесе врнежи од снег и на Маврово.
Поради задржување на снег на коловозите вчера беше воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патиштата од Маврово за Дебар и од Гостивар кон Стража.