Вилкс живееше под полициска заштита поради многубројни смртни закани што ги добиваше по објавата на карикатурата. За негово убиство и Ал каеда нудеше 100 000 долари. Во полициското соопштение за сообраќајката, пак, засега нема информации дека станува збор за умисла

Шведскиот карикатурист Ларс Вилкс, кој го нацрта пророкот Мухамед со тело на куче, загина во сообраќајна несреќа, објавија локалните медиумите, пренесува Би-би-си.
Карикатуристот патувал со цивилно полициско возило, кое се судрило со камион во близина на градот Маркарид во јужна Шведска. Загинаа и двајца полицајци, а возачот на камионот е повреден.
Вилкс (75), наведува Би-би-си, живееше под полициска заштита поради многубројните смртни закани што ги добиваше по објавувањето на карикатурата.
Шведската полиција не го откри идентитетот на загинатите, но партнерот на Вилкс ја потврдил неговата смрт за весникот „Дагенс Нихетер“. Во полициското соопштение се наведува дека сè уште не е јасно како дошло до судирот, но првичниот увид не покажал умисла.

Карикатурата објавена во 2007 година навреди многу муслимани, кои сметаа дека тоа е богохулство. Таа предизвика бес и го натера тогашниот премиер Фредрик Рајнфелд да се сретне со амбасадорите од 22 муслимански земји во обид да ги смири тензиите. Ал каеда понуди награда од 100 000 долари за убиство на Вилкс.
Во 2015 карикатуристот присуствуваше на дебата за слобода на говорот во Копенхаген, настан кој беше цел на напад со огнено оружје. Тој тогаш изјави дека најверојатно бил цел на нападот во кој загина еден филмски режисер.
