На дел од фотографиите, објавени на социјалните мрежи, од местото каде денеска се одвивала престрелката во Тетово се гледа дека во возилото во кое бил застреланиот завршиле десетици куршуми
Станува збор за возило од марката „фолксваген голф“ чија лева страна е целата издупчена со куршуми. Дел од проектилите го скршиле стаклото од возачката страна додека другите куршуми завршиле во задниот дел од возилото.

Како што соопшти МВР во инцидентот има еден загинат и четворица повредени, од кои едно е малолетно девојче. Пукањето се случило на крстосницата меѓу улиците „Илинденска” и „Благоја Тоска” во Тетово.
Во Клиничката болница Тетово е пренесено девојчето кое е задржано на опсервација. Другите две лица, како итни случаи, се пренесени на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Со повреди се здобил и 60-годишен пешак од Тетово кој бил случаен минувач и кој, исто така, е пренесен на скопските клиники.