Интервјуто се снима претпладнето во Приштина, а со Курти разговара новинарот на „360 степени“, Хекуран Акифи. Во разговорот доминираат прашања поврзани со утрешната средба на Курти со српскиот претседател Александар Вучиќ во Охрид и можниот исход. Курти го прашуваме и за неговиот однос со партии на Албанците во Северна Македонија, како и за косовското искуство со „Бехтел и Енка“
Во новото издание на емисијата „360 степени“ што се емитува вечерва од 22:20 часот на ТВ Алсат гостува косовскиот премиер Албин Курти. Интервјуто се снима претпладнето во Приштина, а со Курти разговара новинарот на „360 степени“, Хекуран Акифи.
Во разговорот доминираат прашања поврзани со утрешната средба на Курти со српскиот претседател Александар Вучиќ во Охрид и можниот исход. Курти го прашуваме и за неговиот однос со партии на Албанците во Северна Македонија, како и за косовското искуство со „Бехтел и Енка“.
Според најавите, на состанокот на кој ќе присуствува високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а чиј домаќин е македонскиот премиер Димитар Ковачевски, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни.
Борел вели дека евентуален договор на лидерите на Србија и Косово за планот за имплементација ќе биде важен не само за двете земји туку за целиот регион. „Ако се случи договор меѓу страните, тогаш Западен Балкан ќе означи голем чекор напред на патот кон Европската Унија“, рече Борел.
Средбата во Охрид е продолжение на средбата што Курти и Вучиќ ја имаа на 27 февруари во Брисел, по која беше соопштено дека двете страни се согласиле дека не се потребни понатамошни разговори за текстот на договорот за нормализација на односите, а документот потоа беше објавен на официјалната интернет-страница на ЕУ.