ВМРО-ДПМНЕ реагираше по промоцијата на проектот за новата елитна населба и порача дека Шилегов ветувал ревитализација на Треска и нејзино враќање на скопјани, а сега ќе ја бетонизира
На влезот од Скопје од западната страна, меѓу реките Вардар и Треска, на 15 хектари во близина на езерото Треска ќе никне елитна населба со 142 вили. Предвидени се паркови, спортски игралишта, градинки, ресторани, маркети, фитнес и спа-центри итн.
Комплексот ќе се вика „Планет“, а неговата изградба веќе започна.

Вредноста на оваа инвестиција е 28 милиони евра, а како инвеститори се јавуваат градежните компании „Блеро-Фикс“ и „Валмир компани“.
Официјалната промоција на проектот за комплексот се случи денеска, а на неа со инвеститорите присуствуваа и премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер, Артан Груби, претседателот на Собранието, Талат Џафери, пратеникот и лидер на ДУИ, Али Ахмети, како и градоначалниците на Скопје и Сарај, Петре Шилегов и Блерим Беџети.

Премиерот Зоран Заев ги пофали креаторите дека се приспособиле на природата и на еколошката функционалност на теренот, па постоечката шума на локацијата ќе биде и централен парк на новата населба.
„Станува збор за супер модерна населба која ги има предвид сите функционалности за едно урбано живеење вклучувајќи објекти за здравствена заштита, пошта, банка, библиотека и книжарница, градинка, надворешен амфитеатар за организација на настани, спортски центри, хелиодром, базени и хотелско ресторански комплекс. Она што е исклучително значајно е што градбата на целиот станбено-деловен комплекс зафаќа само околу 20% од вкупната површина што ја опфаќа инвестицијата, а остатокот од 80% му припаѓа на зеленилото“,
рече Заев.

Градоначалникот Шилегов рече дека очекува дека проектот ќе биде пример за успешен проект во кој соработуваат приватниот сектор и државните институции и локалните самоуправи.
„Ова е првата населба во Скопје која нуди поинаков концепт на живеење и првата елитна населба од овој вид која се гради како резултат на вашата упорност и визија. Навистина ми е драго што успеавте да препознаете дека политиките кои ги креираше Градот Скопје во изминативе 3 години, пред сè, за рамномерен развој на сите делови од градот, помогнаа во вашата одлука да инвестирате во овој проект. Со нашата работа изминативе неколку години, активностите на Владата и општина Сарај, испративме порака до граѓаните и инвеститорите дека Скопје е град кој е еднаков за сите“,
рече Шилегов.
По промоцијата реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека градоначалникот ветувал ревитализација на Треска и нејзино враќање на скопјани, а сега ќе ја бетонизира.
„Шилегов вети дека ќе ја врати Треска на скопјани, ги избрка, а сега ја бетонизира и прави елитна населба за функционерите на СДСМ и ДУИ. Шилегов на потегот кај што ветува елитна населба ветуваше ревитализација на езеро Треска и спортски центар Сарај, а сега ќе прави бетонизација околу езерото и спортскиот центар, за елитната населба на власта. Ова е само уште еден криминал за раскрчмување на државно земјиште, за функционерите на СДСМ и ДУИ да се одделат од народот во скап комплекс за кој како што вели Шилегов се споиле сите институции само да се реализира“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.