Забраната ќе трае најмалку десет дена, но може да биде продолжена на 20, соопштија официјални лица
Австрија од денеска воведе карантин со цел да се запре ширењето на инфекцијата со коронавирус.
Причина за оваа ригорозна мерка е што просечната дневна смртност од ковид-19 е тројно зголемена во последните недели, а некои болници предупредија дека нивните единици за интензивна нега го достигнуваат својот максимален капацитет.
Забраната ќе трае најмалку десет дена, но може да биде продолжена на 20, соопштија официјални лица.

Правилата се: луѓето ќе можат да ги напуштат своите домови само поради одредени причини, вклучително и купување намирници, одење на лекар или вежбање.
Студентите ќе мора да се вратат на моделот на онлајн образование, рестораните се затворени, а сите културни настани се бидат откажани.
Почнувајќи од 1 февруари следната година, вакцинацијата ќе биде задолжителна и во Австрија. Претходно, Австрија воведе изолација само за невакцинирани лица, но тоа не го забави доволно ширењето на коронавирусот.

Околу 66 отсто од 8,9 милиони жители на Австрија се целосно вакцинирани.
Австрија е меѓу неколкуте западноевропски земји каде што инфекцијата рапидно расте и каде што постои загриженост дека стапката на вакцинација е недоволна за да се запре зимскиот скок на хоспитализации.

Новото затворање во Австрија е четврто од почетокот на пандемијата на коронавирус и доаѓа во време кога државата неуспешно се бори да го запре растот на бројот на заболени. Во петокот беа пријавени 15 809 нови заразени, што е највисок дневен број од почетокот на пандемијата.
Новите мерки наидоа на жесток отпор кај жителите. Според полицијата на саботниот протест во главниот град Виена се собрале 40 000 луѓе, меѓу кои и членови на екстремно десничарски партии и групи.