Од Црвениот крст на Град Скопје објаснија дека средствата ќе се искористат за програмите за поддршка на постарите граѓани
Првиот хуманитарен пикник на „Алкалоид“ под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е одржан на 3 септември 2011 година
Вработените во компанијата „Алкалоид“ денеска учествуваа во хуманитарен пикник кој го организира фондацијата „Трајче Мукаетов“. Се одржа во кругот на скопскиот хиподром, а присуствуваа голем број вработени во фармацевтската компанија, заедно со нивните семејства. Како и во претходните десет изданија, целта на настанот беше преку дружењето на заедницата поврзана со „Алкалоид“ да се соберат средства кои потоа секоја година се донираат за различна намена.
Годинава беа собрани над 1,8 милиони денари или околу 30 илјади евра. Парите ќе одат на сметката на Црвениот крст на Град Скопје, за нивните програми за повозрасните граѓани.
„Одлучивме дека оваа година е најдобро овие средства да ги донираме за нив, за да можат да го покажат своето достоинство, да можат да имаат мирно живеење, да имаат поквалитетен живот и, на некој начин, да им се помогне во сите оние социјални програми каде што им е потребно.
Благодарност до сите наши вработени кои уште еднаш ја покажаа својата хуманост и се надевам дека можеме да продолжиме да даваме додадена вредност и во општеството и да бараме форми како да помагаме онаму каде што има потреба“
изјави меѓу другото Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“
Од името на Црвениот крст на Град Скопје говореше Сузана Тунева-Пауновска. Кажа дека, како организација, никогаш не се сами со вакви компании.
„Токму поради тоа под слоганот ‘Сите сме нивни деца’, сите овие средства ќе бидат наменети да се унапредат социјалните сервиси што веќе постојат на територијата на нашиот главен град. Истовремено да го зголемиме бројот на корисниците. Кога зборуваме за санитетскиот транспорт, тоа е оној транспорт кој е секако достапен за сите на територијата на нашиот град. Едноставно, луѓето кои не можат да одат до болниците, до онаа примарна или секундарната заштита, ние сме тука заедно со волонтерите тоа да го направиме на најбрз можен начин. Дневните центри за активно стареење каде што правиме спој на професионалното искуство на возрасните со младите генерации“,
изјави Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје.
Првиот хуманитарен пикник на „Алкалоид“ под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е одржан на 3 септември 2011 година.