ВМРО-ДПМНЕ ги започна предупредувачките протести на три локации низ Скопје, пред Собранието, пред ТЦ „Мавровка“ и пред зградата на поранешна „Нова Македонија“.
Како што најавија од опозициската партија, протестите се со едно единствено барање, односно Владата да го даде на увид на јавноста таканаречениот „патоказ“ за преговорите со Бугарија.





Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вчерашниот брифинг со новинарите обвини дека двоецот Заев-Бучковски преговара со техничката бугарска влада за делови од декларацијата, која беше усвоена во бугарскиот парламент во 2019 година.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на протестот пред Собранието рече дека доколку Владата е транспарентна, како што тврди, треба да ги објави деталите за преговорите со Бугарија.
„Тука сме на улиците да го кренеме гласот и двоецот Заев-Бучковски да каже за што се преговара со Бугарија. Да кажат каков е тој патоказ или што и да е. Дали Заев ќе изигрува трговец-поединец и дали преговара со идентитетот, јазикот и културата“,
рече Мисајловски.