Најсилната смрдеа на изгорено што сме ја почувствувале летово. Вака тетовци го коментираат денешното утро кога се разбудија во силно зачаден град, а миризбата влезе и во нивните домови. Бараат помош од надлежните и велат дека веќе чувствуваат здравствени проблеми

фото: принтскрин / видео на „Тетово инфо“
Смрдеа на изгорено денеска наутро ги разбуди тетовци. Зачадено е цело Тетово, па дел од жителите помислиле дека некаде избувнал пожар. Според состојбата на терен, движење на отворено не е препорачливо зашто тешко се дише.
Тетовци коментираат дека ова е најсилната смрдеа на изгорено што ја почувствувале летово, зашто слично зачадување се случува често. Најсилно се чувствува рано наутро, но продолжува и во текот на денот.
„Кога се разбудив утрово се ипаничив мислејќи дека нешто гори кај мене дома. Подотворен ми беше само еден прозорец. Кога ја подадов главата надвор, ме ‘удри’ силна смрдеа на изгорено, па сфатив дека нема пожар кај мене дома, туку во чад е цел град“,
изјави жител на Тетово за „360 степени“.
Тетовскиот портал „Тетово инфо“ објави видео снимено утрото на тетовското Кале од каде што се гледа дека во смог е обвиен голем дел од Полошката Котлина.
Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека почувствувале главоболка, нагон за повраќање и вртоглавици. Некои велат дека секое утро смрди на запален отпад. „На Тетово не му требаат знамиња, туку воздух“, се жалат мештаните.
Жител на Општина Јегуновце, која долго време ја загадуваше „Југохром“, комбинат кој сега не работи, иронично бара „клуч“ да му се стави на Тетово.
„Да се затвори Тетово, под итно, нас ваму во Општина Јегуновце нè удави – главоболки, кашлање, вртоглавици… Нè удави. Под итно ‘клучот’ или нека стави филтри“,
е неговиот коментар.

Тетовци бараат одговорност од надлежните.
„Локалните власти мора да преземат нешто, ќе поцркаме“,
констатира жител на Тетово.
Реагираа и од невладината организација „Екогерила“. На нивниот фејсбук-профил напишаа дека се гори смет кај село Неготино, Полог, и бараат надлежните да дејствуваат.
„УЖАС! Цел Полог е во чад, горат дивите депонии кај село Неготино. Ниту една институција не реагира, населението се труе од канцероген чад! Полицијата, Општината, Министерството за животна средина… ги нема!“,
напишаа од „Екогерила“.
Локалните тетовски власти велат дека проблемот потекнува од запалена депонија во Општина Брвеница, кај селото Волковија.
„Поради загадувањето, избегнувајте излегување на јавни места и останете во затворени простории. Апелираме до граѓаните да бидат одговорни и внимателни. Не фрлајте отпад на несоодветни места и не палете го. Здравјето и чистата животна средина се важни за сите нас. Да се грижиме и да бидеме одговорни
велат од Општина Тетово.
Како што пишува „Тетово инфо“, слична појава имало и на 29 јуни годинава. Тогаш се обратиле и до противпожарната служба кои ги информирале дека неколку дена претходно интервенирале на пожар на дива депонија во близина на селото Требош.
Во јули, пак, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, најави дека ќе побара од службите дополнителни контроли за да се најде причината за чадот. Потенцираше дека нема пожари на претоварната станица за отпад кај селото Фалише.
Инаку, според апликацијата „AirCare“, утрото во пет часот индексот на загадување на воздухот во Тетово бил 97, што според европските стандарди влегува во црвена фаза, односно многу загаден воздух. Во овој индекс, меѓу другите компоненти, влегуваат и ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките.
