Џафери, по примањето на мандатот од претседателот на државата Стево Пендаровски, во своето кусо обраќање рече оти се надева дека преговорите за техничката влада ќе кулминираат со соодветен состав, со соодветни обврски, надлежности и одговорности, пред сè кон граѓаните на Република Северна Македонија
Сега веќе поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери, од денеска попладне и официјално е мандатар за состав на техничката влада која треба да ги спроведе парламентарните избори закажани за 8 мај, кои треба да се одржат заедно со вториот круг на претседателските.
По денешната пленарна седница на Собранието, на која беа констатирани оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, попладнево, точно во 15 часот, претседателот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Џафери за состав на преодната влада.
„Врз основа на член 84 алинеја прва од Уставот на Република Северна Македонија, а во согласност со членот 43 од Законот за Владата на Република Северна Македонија и предлогот на најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство за мандатар за состав на преодната влада за спроведувањето на избори за пратеници, го определувам г. Талат Џафери“,
рече Пендаровски при доделувањето на мандатот.
По примањето на мандатот, Џафери во своето кусо обраќање рече оти се надева дека преговорите за техничката влада ќе кулминираат со соодветен состав.
„Почитуван претседател, почитувани граѓани, со задоволство и со потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот составот на Владата и преговорите за составот на оваа влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата, со надеж дека ќе кулминира со соодветен состав, со соодветни обврски и надлежности и одговорности, пред сè кон граѓаните на Република Северна Македонија“,
рече Џафери.
Инаку, на денешната собраниска седница, откако беа констатирани оставките на Ковачевски и Џафери, беше избран нов претседател на законодавниот дом. За оваа функција, на предлог на 65 пратеници од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, беше номиниран пратеникот Јован Митрески од парламентарното мнозинство, како што претходно беше договорено, а неговиот избор го поддржаа 64 од вкупно 104 пратеници кои гласаа. Против предлогот гласаа 40 пратеници, а воздржани немаше.
Против изборот на Митрески гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција. Ваквата нивна одлука ја образложи координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, кој рече дека Митрески бил дел од парламентарното мнозинство во чиј мандат Собранието од законодавен дом било претворено во меѓупартиски и меѓукоалициски дом.
По ова, новоизбраниот претседател на Собранието положи заклетва и седна на спикерското столче.
Потоа следуваше и официјално примопредавање на функцијата меѓу досегашниот претседател Талат Џафери и новиот – Митрески.
Со давањето на мандатот за состав на техничката влада заврши делот од процедурата околу оваа постапка која беше предвидена за денеска. Таа треба да продолжи утре кога, според највеното, Џафери треба да достави програма и состав на Владата.
Седницата за гласање на техничката влада е закажана за в недела и треба да заврши најдоцна до полноќ, кога и официјално треба да бидат избрани носителите на извршната власт во наредните 100 дена до завршувањето парламентарните избори на 8 мај, односно до официјалното прогласување на резултатите од страна на Државната изборна комисија (ДИК).
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, иако предложи кандидати за министри и дополнителни заменик-министри, останува на ставот дека нема да гласа за влада на чие чело ќе стои кадар на ДУИ, односно во конкретниот случај Талат Џафери.
„Ние нашите предлози, односно реализацијата на нашата законска обврска согласно Законот за Владата ќе ја реализираме. Ние ќе ги дадеме нашите предлози за двајца министри и тројца дополнителни заменици – министри, но поддршката на нашите пратеници согласно одлуките на органите на партијата таа влада нема да ја има“,
изјави во средата (24 јануари) потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, по седницата на Извршниот комитет на партијата.
Претходно истиот ден Џафери, како иден мандатар на техничката влада, рече дека до Собранието ќе предложи целосен состав на новата влада ако од ВМРО-ДПМНЕ достават до него предлози за министри и дополнителни заменик-министри. За тоа, како што рече Џафери на брифинг со новинарите, нема пречка бидејќи таков е законот. Изјавата на Џафери доаѓа наспроти онаа на премиерот Димитар Ковачевски, кој минатата недела изјави дека министерските и дополнителните заменик-министерски места кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.