„Во пет и седумнаесет“ – Ова е наслов на текст на македонскиот писател Ацо Шопов посветен на разорниот земјотрес кој во 1963 г. го погоди главниот град Скопје. Истовремено, под истото име, денеска во центарот на градот, беа поставени неколку уметнички инсталации во Скопје посветени на 100 годишнината од раѓањето на Шопов, но и на 60 годишнината од скопскиот земјотрес кој зема над 1 000 жртви, а илјадници лица останаа без кров над глава.
Културниот информативен центар, денеска ги отвори своите врати за посетителите точно во 17 часот и 17 минути – симоблично во знак на времето кога Скопје беше погоден од земјотрес (05:17) пред шеесет години. Во паркот пред КИЦ е поставен воен шатор (налик на оние од пред 60 години), а во внатрешноста е поставен видео бим на кој се прикажува краткометражен филм кој содржи сведоштва на скопјани од катастрофалниот земјотрес.

Покрај шаторот и видео-бимот, поставена е и инсталација посветена на модерно Скопје под име „Стуткан град“ – дело за кое авторот Игор Сековски пишува дека е посветено на урбанистичките планови кои биле предвидени за Скопје да се развие во модерен град, но кои за жал, поради изменетите ДУП-ови и политичките игри никогаш не се остварени во целост.

Во внатрешниот дел на галеријата на КИЦ, има повеќе инсталации, а меѓу нив е и голема слика на која стојат мерењата на сеизмометарот кој во 1963 г. ги регистрираше тектонските промени во скопскиот регион.

Понатаму, поставени се и скршени чинии на кои се изгравирани извадоци од текстот на Шопов. Чиниите се приказ за разорната моќ на земјотресот, но и на оптимизам дека Скопје повторно ќе биде изграден како град на солидарноста, градот кој своевремено барем на момент, ги спои Западот и Истокот.

На настанот присуствуваа голем број на посетители, а во најголем број повозрасни граѓани на кои се уште не им избледеле мемориите и сеќавањата од тој кобен ден, но и голем број на почитувачи на делото на писателот Шопов.

А покрај постулатите посветени за земјотресот, неизбежни беа и уметничките дела посветени на текстовите на великанот Ацо Шопов, кој дел од своето творештво го има посветено токму на овој немил настан. Годинава, во земјава се одбележува 100 години од неговото раѓање, а преку спојот на литературата и ликовната уметност, граѓаните денеска имаа можност одблиску да го запознаат делото на еден од најголемите македонски писатели.
Носителот на идејата, Дијана Томиќ Радевска од Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) вели дека токму преку текстот на Шопов кој се состои од три целини – мачната состојба и страданијата на скопјани, па оптимизмот и за издигнувањето на градот од урнатините и третиот дел од текстот кој говори за обновувањето на Скопје сакале да ја истакнат важноста на солидарноста помеѓу луѓето, дури и во моменти кога делува дека нема простор за оптимизам.
„Се споија многу земји од светот, се споија истокот и западот да ни помогнат, се споија врвните експерти во архитектурата да му помогнат на градот да се изгради повторно и оној човек кој страдаше да се издигне од неговото страдање и да се воздигне повторно како Феникс“,
вели Томиќ Радевска.
Од денеска до крајот на неделава, граѓаните ќе имаат можност да ги видат делата посветени на Шопов и скопскиот земјотрес на пет локации во главниот град. Освен во КИЦ, уметнички дела и инсталаци се поставени и кај градската кафеана „Пелистер“, Францускиот Институт Скопје – излог галерија, приватната галерија ГРАЛ, како и во Дебар маало (Буњаковец).