Автомобилите со свирежи и развиорени албански знамиња тргнаа од скопски Чаир, поминаа кај Бит-пазар и стигнаа до крајната точка – плоштадот „Скендербег“ каде што од попладнево се собираат граѓани. Присутни се и членови на неколку народни ансамбли, а деца се облечени во албански народни носии. На плоштадот е поставена и бина
Конвој од автомобили предводен од двајца коњаници попладнево продефилира во центарот на Скопје.

Причина е прославата на Денот на албанското знаме.

Автомобилите со свирежи и развиорени албански знамиња тргнаа од скопски Чаир, поминаа кај Бит-пазар и стигнаа до крајната точка – плоштадот „Скендербег“ каде што од попладнево се собираат граѓани.
Присутни се и членови на неколку народни ансамбли, а деца се облечени во албански народни носии.

На плоштадот е поставена и бина. Засега не е познато какви активности се предвидени во рамки на прославата.
Според известувањето што вчера го објави Општина Чаир, поради организираниот марш, улицата од општинската зграда до плоштадот „Скендербег“ ќе биде затворена за сообраќај од 13 часот сè до завршување на маршот.
Дополнително, од Општината известија дека вечерва со почеток во 20 часот во Националната опера и балет настап ќе одржи сопранот Инва Мула, која е прогласена за почесен граѓанин на Чаир во 2012 година. Таа ќе одржи гала-концерт со сопранистката Дешира Ахмети Керлиу, тенорот Исмет Весели и симфонискиот оркестар на НОБ.
„…Вечер на уметност избрана за нашиот национален празник“,
стои во фејсбук-објавата на Општина Чаир.
Освен во Скопје, одбележување на Денот на албанското знаме има и во Тетово. Таму, според објавата на „Тетово инфо“, се одржува парада со коњи.
