Поплавите кои ја погодија Шпанија вчера, а продолжија и денеска, се едни од најтешките од 1996 година, кога 87 луѓе загинаа како последица на поројниот дожд кој погоди камп на Пиринеите
Билансот на загинати во поплавите предизвикани од поројните дождови што ја зафатија источна, централна и јужна Шпанија се искачи на најмалку 95 лица, јавуваат светските медиуми.

Поплавите, како што оценува „Гардијан“, се едни од најсмртоносните што ја погодиле земјата во последните три децении. Силните дождови во погодените региони донесоа порои вода која се прелеа низ улиците во повеќе градови и села, поради што голем број луѓе останаа заробени во своите домови, а има и големи оштетувања на патната и железничката инфраструктура.
Додека спасувачките екипи и натаму трагаат по десетици лица кои се водат како исчезнати, надлежните упатиле повик до возачите да не излегуваат на патиштата и луѓето да се држат подалеку од надојдените реки бидејќи лошите временски услови продолжуваат, а бројот на загинати може дополнително да се зголеми.
Коорднинативниот центар за итни случаи на властите во Валенсија соопшти дека до денеска попладне бројот на смртни случаи во регионот изнесува 92, додека претставници на властите во соседниот регион Кастиља Ла Манча пријавиле уште две загинати лица, меѓу кои и 88-годишна жена во градот Куенка. Уште еден смртен случај бил пријавен во провинцијата Малага во Андалузија.
🚨🚨🇪🇸🇪🇸
— World Crisis Tracker (@WorldCrisi19621) October 30, 2024
It’s still raining 😭
At least 95 people dead after flash floods in eastern Spain; many unaccounted for.
Stay Safe 🙏
Pray for Spain#DANA #Chiva #Valencia #Storm #Spain #Floods #Flooding #SpainFloods #Inundación #InundacionesEnEspaña #España https://t.co/mpLhlPlYtT pic.twitter.com/20LDCgZYfG
Повеќе од 1 000 војници од единиците за одговор при вонредни ситуации на Шпанија се распоредени во опустошените области, а централната влада испратила девет форензички експерти во Валенсија за да помогнат во идентификацијата на телата.
„Вчера беше најлошиот ден во мојот живот“,
изјавил Рикардо Габалдон, градоначалник на Утиел, град во Валенсија, за националната телевизија РТВЕ.
Според него, неколку луѓе се водат за исчезнати во неговиот град.
„Бевме заробени како стаорци. По улиците пловеа автомобили и контејнери за ѓубре. Водата се искачуваше и до три метри“,
рекол тој.
Во видеоснимките објавени од телевизиите се гледа како надојдените води се прелеваат во приземјата на куќите, потоци се излеваат од нивните корита, а еден мост попушта под притисокот на водата.
„Гардијан“ пренесува дека воз со околу 300 патници со голема брзина излетал од шините во Малага, но за среќа, според претставници на железницата, никој не е повреден во случајот. Инаку, брзата железница која го поврзува градот Валенсија со Мадрид била во прекин, како и уште неколку патнички линии.

Поплавите кои ја погодија Шпанија вчера, а продолжија и денеска, се едни од најтешките од 1996 година, кога 87 луѓе загинаа како последица на поројниот дожд кој погоди камп на Пиринеите.
Последните катастрофални поплави во Европа се случија во јули 2021 година, кога загинаа 243 луѓе во Германија, Белгија, Романија, Италија и Австрија.
Интензивниот дожд му се припишува на феноменот познат како gota fría, или „ладна капка“, која се јавува кога студениот воздух се движи над топлите води на Медитеранот. Ова создава атмосферска нестабилност, предизвикувајќи брз пораст на топол, заситен воздух, што доведува до силен дожд и грмотевици.
Според научниците, екстремните временски настани како топлотни бранови и бури стануваат сè поинтензивни поради климатските промени, пишува „Гардијан“.
Шпанскиот премиер Педро Санчез во изјава денеска наутро повика на единство, солидарност и будност.
„Не смееме да се опуштиме бидејќи временскиот фронт сè уште предизвикува хаос и не можеме да кажеме дека оваа катастрофална епизода е завршена. Сè уште има временски предупредувања во Андалузија, Валенсија, Арагон, Кастиља и Леон, во Каталонија, во Екстремадура, во Навара, во Ла Риоха и во Сеута. Затоа ги замолувам луѓето во тие области да водат посебна грижа, да се држат настрана од патиштата, да избегнуваат патување во близина на клисури, речни брегови и речни корита и да ги слушаат советите на службите за итни случаи и на полицијата. Никој не треба да си го загрозува животот“,
изјави шпанскиот премиер.
Санчез рече дека Шпанија во последните години доживеала повеќе природни и здравствени катастрофи, споменувајќи ги притоа пандемијата на ковид-19, бурата „Филомена“ во јануари 2021 година и вулканските ерупции на Канарските Острови истата година. Во овој контекст, тој наведе дека ваквите несреќи честопати го извлекуваат најдоброто во земјата.
„Ќе им подадеме рака и ќе им помогнеме на оние кои не можат да влезат во своите домови или кои бараат роднини, пријатели или најблиски,Но, најмногу од сè, токму сега, ќе застанеме со оние што ја трпат загубата на своите најблиски“,
кажа тој.

Во земјата е прогласена тридневна национална жалост, а шпанскиот конгрес денеска одржа едноминутно молчење со кое им оддаде почит на загинатите во поплавите.
До 10 часот денеска, дождовите во Валенсија стивнаа, но шпанската национална метеоролошка служба прогнозира нови бури во четврток. Според прогнозата, се очекува дождовите да се префрлат во североисточниот дел на Пиринејскиот Полуостров.