По потресот, кој бил со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала, властите во градот Бого и другите погодени подрачја и општини прогласиле состојба на катастрофа, додека надлежните служби и понатаму ги проценуваат штетите од земјотресот, пренесува Би-би-си
Речиси 60 лица загинале, а стотици се повредени во силен земјотрес што доцна синоќа, по локално време, го погодил централниот дел на Филипините, соопштиле службите за управување со катастрофи, пренесуваат светските медиуми.

По потресот, кој бил со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала, властите во градот Бого и другите погодени подрачја и општини прогласиле состојба на катастрофа, додека надлежните служби и понатаму ги проценуваат штетите од земјотресот, пренесува Би-би-си.
Инаку, според информациите, земјотресот го погодил брегот на градот Себу, кратко пред 22 часот по локално време, односно 15 часот според средноевропско време, предизвикувајќи прекини во електричната енергија и оштетувајќи згради.
Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија го отповикал предупредувањето за цунами, издадено претходно, наведувајќи дека „сите ефекти предизвикани од мали нарушувања на нивото на морето во голема мера поминале“.
Градот Себу се наоѓа во регионот Висајас и во него живеат речиси еден милион жители.
Според државната агенција за вулканологија, најмалку 611 последователни афтершокови биле почувствувани во регионот по главниот потрес.
Жителите во областите погодени од земјотресот во изјави за Би-би-си рекле дека ноќта ја поминале на улиците
„Тоа беше силен земјотрес, а последователните потреси продолжуваат. Остануваме надвор од нашата куќа за да бидеме безбедни“,
изјавил жител на градот Себу за ДЗММ (DZMM), локална радиостаница со седиште во главниот град Манила.
Од објавените снимки се гледа како луѓето се држат еден за друг во моментот на земјотресот.
Надбискупот на Себу им порачал на верниците да се држат подалеку од црквите, во исчекување на проценка на безбедноста на нивната структура по потресот. Повикот доаѓа бидејќи островот Себу е еден од првите филипински острови што биле колонизирани од Шпанија во 1500-тите години и има многу стари цркви.

Инаку, Филипините се многу ранливи на природни катастрофи бидејќи се наоѓаат на геолошки нестабилниот „огнен прстен“ и се на патот на тајфуните што секоја година доаѓаат од Тихиот Океан.
Седум од загинатите во земјотресот живееле во село изградено за сместување на жртвите од тајфунот Хаијан, што ги погоди централните Филипини пред дванаесет години, кога загинаа повеќе од шест илјади луѓе.