Масовниот протестен марш на кој се бара правда за Фросина помина и пред Собранието каде што се упатија пораки за правда и одговорност. Граѓаните потоа се упатија кон Кривичниот суд
„Секој еден може да е следен“ извикуваа илјадници граѓани пред Собранието на масовниот протестен марш на кој се бара правда за 22-годишната Фросина Кулакова која загина во сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Потоа присутните молкум засветија со подигнати мобилни телефони оддавајќи ѝ почит на младата девојка.
Претходно, со извици „Бараме правда“, илјадници граѓани го почнаа протестниот марш од местото на булеварот „Партизански одреди“ каде што во средата загина Кулакова.
Во првите редови во поворката се членовите на нејзиното потесно семејство. Присутните граѓани извикуваа „Сакаме правда“ и „Нема правда – нема мир“. Се носат и црни маички на кои пишува „Правда за Фросина“.
Истакнати се транспаренти на кои пишува „Секој еден може да е следен“; „Безбедноста е право, а не привилегија“; „Судии убијци“; „Крвта е на ваши раце“.
Маршот, на кој има масовно присуство, започна на Партизанска, помина пред Собранието и продолжи кон Кривичниот суд. Како што дознаваме, протестната поворка нема да помине пред Обвинителството зашто има голема масовност, а просторот таму е претесен за да поминат присутните.
Инаку, во средата (29 јануари) се случи тешка сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која загина 22-годишната Фросина Кулакова. Во неа удри 20-годишен возач за кој подоцна беше објавено дека нема возачка дозвола, а има историја на кривични дела.
Ова предизвика гнев кај граѓаните кои се собраа на протести на местото на несреќата и во родниот град на Кулакова, Неготино. Побараа одговорност и за судијката која многумина ја обвинуваат дека претходно го спасила од притвор проблематичниот возач.