„Јачината на ветрот постепено се зголемуваше и ни предизвика голема непријатност затоа што пожарот се движеше со исклучително голема брзина горејќи ги боровите стебла, создавајќи висока температура и многу густ и црн чад“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов
Состојбата со пожарот во повеќенаменското подрачје „Јасен“ попладнево почнала да се влошува, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Причина за тоа е силниот ветер што почнал да дува во попладневните часови.
„Јачината на ветрот постепено се зголемуваше и ни предизвика голема непријатност затоа што пожарот се движеше со исклучително голема брзина горејќи ги боровите стебла, создавајќи висока температура и многу густ и црн чад што удираше на гребенот. Нашата цел беше да го одбраниме гребенот и да не му дозволиме на овој пожар да прескокне преку гребенот од страната на селото Брезница, односно од скопска страна. Во тоа успеавме по неколку жестоки битки бидејќи огнот на неколку моменти префрли од другата страна, но благодарение на храброста на вработените во ‘Јасен’, лично овде е и директорот, еден од раководителите, со поддршка од екипа пожарникари од Македонски Брод, успеавме да го запреме по самиот гребен, ги изгаснавме местата на кои огнот префрли од другата страна и ја стабилизиравме ситуацијата“,
рече Ангелов.

Но, Ангелов додаде дека огнот и натаму се движи и создава многу чад што им предизвикува проблеми со дишењето на луѓето што се таму на терен.
„На помош ни пристигнуваат пожарникари од Скопје, Велес и Куманово што ќе ги распоредиме на оваа линија. Истовремено поддршка добиваме од вработените од Општината Сопиште кои цело време вршат дотур на вода, покрај другите активности. Тука се и припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) на МВР“,
вели Ангелов.
Ангелов нагласи дека теренот во „Јасен“ е исклучително тежок за движење.

На снимките што ги сподели ДЗС се гледа страотната глетка со опожарените и зачадени падини во „Јасен“ на прилично голема површина. Се гледа и како силниот ветер придонесува за ширење на огнот со многу голема брзина.