Оливер Андреевски и Елисавета Булоска се венчаа во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“
Покрај претседателот на државата и неговата сопруга, манифестацијата ја следеа неколку стотини гости
Денеска во Галичник се одржа 60. „Галичка свадба“. Годинава младенци беа Оливер Андреевски, кој има потекло од Галичник, и Елисавета Буловска, родум од Охрид. Целата манифестација има повеќе од 30 традиционални обичаи, а свадбата почна вчера, со поставување на бајракот и симболичното фрлање три пушки од куќата на зетот.










Целата манифестација, во која покрај семејствата на младенците учествуваат и многубројни статисти, ја проследија повеќе стотини гости. Највисоки гости и годинава беа претседателот на државата Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска. Претседателот, традиционално, е покровител на манифестацијата чија цел е да се продолжи и зачува традицијата и обичаите на Мијаците.
Претседателот Пендаровски им честита на годинашните младенци, Оливер Андреевски и Елисавета Булоска. Дарувајќи ги со „галичка пафта“ – со мотив од галичка носија, им посака среќа, бериќет, љубов и хармонија во нивниот иден заеднички живот. Претседателот изрази задоволство што сè уште постои голем интерес кај младите во земјава да бидат дел од „Галичката свадба“ продолжувајќи ја оваа македонска вековна традиција.