Ангелов вели дека под улицата која го разграничува Клиничкиот центар со куќите има шахти и подземни канали кои се во лоша состојба и не ја собираат подземната вода што доаѓа од падините на Водно што, пак, е причина таа да избива на самиот ѕид и дополнително ја нарушува неговата стабилност

Дел од потпорен ѕид на улицата „Белградска“, која поминува над Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ над Клиниката за детски болести, утринава се урнал, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Информацијата дека е ѕидот се урнал денеска од страна на граѓани стигнала на единствениот број за итни случаи 112.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, денеска во видеообраќање од местото каде што се урна ѕидот апелираше до Министерството за здравство, до Град Скопје и до Општина Центар итно да се зафатат со надминување на оваа опасност за граѓаните. Тој вели дека е прашање на ден, а можеби и на час кога ќе се урне и преостанатиот дел од ѕидот под кој се паркираат возила, но се движат и лица кои влегуваат во кругот на Клиничкиот центар.
„Под оваа улица ’Белградска’, која го разграничува клиничкиот центар со куќите над него, постои систем од шахти, од подземни канали чија сопственост не може да се утврди, а кои се во лоша кондиција и не ја собираат подземната вода која доаѓа од падините на Водно поради што таа избива овде на самиот ѕид и дополнително ја нарушува неговата стабилност, но и на самата улица“,
рече Ангелов.
Во најлошо сценарио, рече Ангелов, постои можност возила што се движат по оваа тесна улица, која е проодна во два правци, да дојде до уривање не само на ѕидот туку и на дел од улицата и да дојде до поголема трагедија во која ќе бидат опфатени и возила.
Според него, за проблемот со лошата состојба со ѕидот, кој бил накосен и постоела опасност да падне, пријава имало уште во ноември 2022 година. Тогаш, како што рече Ангелов, биле информирани сите надлежни институции вклучително и Министерството за здравство, Град Скопје, како и Општина Центар, а запознаени биле и во Министерството за внатрешни работи за преземање на потребните мерки за заштита на животот и здравјето на граѓаните.
„Во опасност се човечки животи, но и имот односно возила кои се паркирани под самиот ѕид“,
рече Ангелов.


