Мобилната болница „Role 2“, добиена како донација од Норвешка, имаше капацитет од 130 кревети и комплетна опрема. Според министерот Филипче, голем среќа е што немаше потреба од дополнителни капацитети за згрижување на пациенти со ковид-19
Се демонтираат шаторите од мобилната болница што во екот на епидемијата со ковид-19 беше поставена во кругот на Клиничкиот центар во Скопје, до Инфективната клиника.

„Ова е голем успех што немавме потреба од дополнителни капацитети за згрижување на пациенти од ковид-19, бидејќи од почетокот на епидемијата во земјата постоечките болнички капацитети за хоспитализација на овие пациенти се стабилни и исполнети само 10 проценти. Успешно го амортизиравме ударот врз нашиот здравствен систем, но покажавме подготвеност да се справиме и со полоши сценарија,“
вели министерот за здравство Венко Филипче.

Мобилната болница „Role 2“, добиена како донација од Норвешка, имаше капацитет од 130 кревети и комплетна опрема. Болницата беше поврзана со топла врска со Клиниката за инфективни болести и фебрилни заболувања, а истата беше поставена во соработка со Министерството за одбрана и Армијата во март, информираат од Министерството за здравство.
Како што велат од ресорното Министерство, во меѓувреме, со донација од Швајцарската амбасада се постави монтажната болница како дел од системот за понатамошното справување со ковид-19 во земјата. Таа ќе се користи како ковид- центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника, каде што ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат, согласно нивната здравствена состојба.
Во болницата не беше згрижен ниту еден пациент бидејќи бројот на зарзени кои се лекуваат во болнички услови не го надмина капацитетот со кој располагаат Инфективната клиника и болницата „8 Септември“.
Како што јави Телма, монтажната болница ќе биде пренесена во касарната „Илинден“. Од Армијата изјавиле дека ќе може да ја монтираат повтрно за два дена, ако има потреба за тоа.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни во изминативе 24 часа примени се два нови пациенти, така што, според денешниот извештај на здравствените власти, хоспитализирани се вкупно 43 пациенти. Двајца пациенти се на механичка вентилација.
