Крива Паланка деновиве е погодена од засилени дождови кои во рок од 48 часа бележат околу 55 литри на метар квадратен. Службите веќе работат на санирање на штетите на неколку локации, но некои свлечишта во моментот не може да се санираат бидејќи сè уште постои ризик од поголема активност
Силно невреме попладнево го зафати Велес. Поројниот дожд и град направија низ улиците на градот да изгледа како да тече река, а отежнато беше и движењето на сообраќајот.
За ова на социјалните мрежи беа сподели и повеќе видеа од велешани.
Невреме го зафати и регионот на Крива Паланка каде надојдените води од обилните врнежи однесоа дел од регионалниот пат од селото Огут кон село Нерав. Станува збор за пат кон планинското село Нерав оддалечено повеќе од дваесет километри од градот.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, вечерва излезе на терен со жителите на селото Огут, каде заедно со службите од ЈП Државни патишта-Македонија пат, ги согледуваат состојбите.
„Проблемите на граѓаните се и наши, заеднички и затоа меѓу нив сум во секое време. За жал против природните сили, природните непогоди, не може ништо да се направи, но наша обврска е да се справуваме со последиците, со настанатите штети во најбрз можен рок. Крива Паланка деновиве е погодена од засилени дождови кои во рок од 48 часа бележат околу 55 литри на метар квадратен. Оваа водена маса предизвика појава на повеќе од десет свлечишта на територијата на општината за чиешто санирање се мобилизирани сите надлежни служби и одржан е состанок на општинскиот кризен штаб со изречни заклучоци“,
вели Митовски.
Тој истакна дека дел од службите веќе работат на санирање на неколку локации, останатите свлечишта ќе се решаваат по создавање соодветни услови за тоа, бидејќи постои ризик од нивна поголема активност.