Голем број спасувачки екипи се распоредени на терен обидувајќи се да дојдат до луѓето заробени во урнатините во Хуалиен, градот во чија близина бил епицентарот на земјотресот, како и во други области на островот
Според локалните сеизмолошки служби, станува збор за најсилниот земјотрес што го погодил Тајван во последните 25 години и предизвика уривање на згради и лизгање на земјиштето
Најмалку четири лица се пријавени како загинати, а неколку десетици се повредени во разорен земјотрес што утрово го погоди Тајван, јавуваат светските медиуми.

Според првичните информации, земјотресот се случил околу 8 часот по локално време, а епицентарот бил на околу 25 километри од округот Хуалиен во источниот дел на островот, пренесува „Гардијан“.
Потресот бил со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала и бил почувствуван низ целиот остров и поширокиот регион.
Според локалните сеизмолошки служби, станува збор за најсилниот земјотрес што го погодил Тајван во последните 25 години и предизвикал уривање на згради и лизгање на земјиштето.
Новинските извештаи јавуваат за најмалку две згради кои се делумно урнати од потресот во Хуалиен, најблискиот град до епицентарот на земјотресот кои, како што се гледа од фотографиите и снимките, навалени се под несигурни агли.
По земјотресот било објавено и предупредување за цунами на блиските јапонски острови во јужната префектура Окинава, кое подоцна е намалено на ниво од „советување за можно цунами“.
Филипините, кои се наоѓаат во близина на Тајван, како што пренесува Би-би-си, исто така прогласиле тревога за цунами на северниот брег.
Силниот земјотрес бил почувствуван низ целиот остров, дури и во градовите оддалечени стотици километри од епицентарот на потресот кај Хулаиен.
Еден час по првичниот земјотрес, повеќекратни последователни потреси биле почувствувани во Тајпеи, главниот град на Тајван.

Директорот на Сеизмолошкиот центар на Централната метеоролошка управа на Тајпеи, Ву Чиен-фу, за новинската агенција АФП изјавил дека властите не исклучуваат дека во наредните три дена се можни нови силни потреси со јачина од 6,5 до 7 степени според Рихтеровата скала, кои се очекува да бидат релативно блиску до копното.
Јапонската метеоролошка агенција, според Ројтерс, исто така, објавила предупредување до граѓаните на земјата да бидат внимателни поради можни нови последователни потреси.
Според моменталниот биланс, покрај четворица загинати, тајванските власти јавуваат за 57 повредени лица.
Тајванските медиуми јавуваат дека надлежните служби успеале да спасат девет луѓе од делумно урната зграда во Хуалиен, а пет лица сè уште чекале за помош.
Инаку, Хуалиен е најголемиот округ на Тајван лоциран на источниот брег на островот, регионот познат по својот планински терен.
#Taiwan hit by strongest quake in 25 years; 1 dead, several injured
— #RahulAggarwal (@ImRahulAggarwal) April 3, 2024
?#Taipei | #Taiwan #Earthquake #Tsunami #TaiwanEarthquake #China #ishigaki #Hualien #Japan #Terremoto #OKINAWA #Taiwan pic.twitter.com/CsyRBLhci9
Земјотресот и неколку последователни потреси предизвикале лизгање на земјиштето и одрони на големи карпи и камења кои ги блокирале патиштата и железничките линии, штети за кои, според медиумите, ќе бидат потребни недели за да се поправат.
Според тајванскиот медиум Јунајтед дејли њуз (UDN), сите возови на тајванската железница кон Хуалиен се суспендирани поради лизгање на земјиштето.
Голем број спасувачки екипи се распоредени на терен обидувајќи се да дојдат до луѓето заробени во урнатините во Хуалиен, како и во други области на островот.
Според Националната агенција за пожари, голем број се заробени во тунели, вклучително и тунелот „Ренкинг“ и тунелот „Кингшуи“, а најмали 12 се спасени од зградата „Уран“ во Хуалиен.

Во Тајпеи две лица биле спасени од затрупан лифт во областа Жонгшан, а седум биле извлечени од урната зграда во округот Синдијан во градот Њу Тајпеи.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека земјата е подготвена да му даде секаква помош неопходна на Тајван по силниот земјотрес.