„Наша цел е во текот на денешниот ден да ја отсечеме едната линија, да го стопираме движењето на овој исклучително тежок за гаснење пожар затоа што е на тешко пристапен терен и не е безбедно влегување на луѓе“, рече Ангелов
Пожарот што со денови гори во повеќенаменското подрачје „Јасен“ денеска повторно се реактивирал, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во неговата пладневна изјава.

Тој додаде дека слабиот дожд што заврнал вчера не бил ни приближно доволен да го изгасне.
„Голема благодарност до армиските ‘Волци’ и ‘Ренџери’ кои во текот на вчерашниот ден допринесоа беарем горниот крак да биде целосно изгаснат со силна поддршка од вработените на ‘Јасен’, еден тим од Национални шуми, како и еден тим пожарникари од Македонски Брод и противпожарната бригада од Град Скопје“,
изјави Ангелов.

Ангелов рече дека попладнево во „Јасен“ се дејствува со три летала – еден голем армиски хеликоптер, еден полициски хеликоптер, како и ‘Ер тракторот’ на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Наша цел е во текот на денешниот ден да ја отсечеме едната линија, да го стопираме движењето на овој исклучително тежок за гаснење пожар затоа што е на тешко пристапен терен и не е безбедно влегување на луѓе. И покрај тоа што армиските специјалци се овде, сепак, на ваков терен каков што е овој со високи борови, каде што има силно горење и чадење, нема доволно кислород за дишење. Исклучително висок ризик да се пуштат луѓе“,
рече тој.