На протестот во Вашингтон повеќе претставници во Конгресот на САД излегоа на говорница критикувајќи ги политиките на администрацијата на Трамп. Пратеникот од редовите на демократите, Џејми Раскин од Мериленд, рече дека нема иднина со претседател што ја има „политиката на Мусолини и економијата на Херберт Хувер“, пренесе Си-ен-ен
Стотици илјади луѓе учествуваа на повеќе од 1 400 протестите против претседателот на САД, Доналд Трамп, како и милијардерот Илон Маск, кој е шеф на Одделот за владина ефикасност (DOGE), објавија светските медиуми.

Протести се одржаа во сите 50 американските сојузни држави, а според Си-ен-ен и некои други медиуми на повикот на продемократското движење се одзвале милиони луѓе.
Организаторите на протестите, кои се одвиваа под мотото „Hands off“, што во буквален превод значи „Рацете подалеку“, посочија дека се против, како што го нарекуваат, „непријателско преземање“ и напад врз американските права и слободи од страна на Трамп и Маск.
Протести се одржаа во главниот град на САД, Вашингтон, како и во административните центри на сојузните држави. Големиот број граѓани се собраа пред федералните згради, конгресните канцеларии, штабовите за социјално осигурување, парковите и градските собранија ширум САД.
Демонстрантите изразија незадоволство поради низа политички одлуки, вклучително и намалување на правата на трансродовите лица, масовни депортации на мигранти, ограничувања на правата за абортус и планови за намалување на социјалното осигурување.
Според организаторите, околу 150 активистички групи го пријавиле своето учество на протестите. Некои демонстранти носеа украински знамиња, други палестински кефии и пароли на кои пишуваше „Слобода за Палестина“.

За време на протестот во Вашингтон повеќе претставници во Конгресот на САД излегоа на говорница критикувајќи ги политиките на администрацијата на Трамп. Пратеникот од редовите на демократите Џејми Раскин од Мериленд, рече дека нема иднина со претседател кој ја има „политиката на Мусолини и економијата на Херберт Хувер“, пренесе Си-ен-ен.
„Нашите основачи напишаа устав што не започнува со ‘Ние диктаторите’, во преамбулата се вели ‘Ние луѓето’“,
рече Раскин пред илјадниците собрани во Вашингтон.
Демонстрантите во Националниот трговски центар скандираа „Еј, хо, Трамп мора да си оди“, додека држеа натписи на кои пишуваше „Да го заштитиме нашиот устав“ и „Рацете подалеку од нашите права“.
„Ако сакате земја која сè уште верува во правилен процес, ние мора да се бориме за тоа. Ако верувате во земја во која се грижиме за нашите соседи, се грижиме за сиромашните и се грижиме дека нашите деца имаат иднина во која можат да веруваат, ние мора да се бориме за тоа“,
рече демократот од Минесота, Илхан Омар, на протестот во Вашингтон.
Во Лос Анџелес демонстрантите маршираа кон Градското собрание извикувајќи „Моќ на народот“ и носејќи транспаренти со пораки како „Рацете подалеку од образованието“ и „Отпор, отпор“.

Покрај во САД, протести против Трамп и Маск вчера се одржаа и во неколку европски градови, вклучувајќи ги Берлин, Франкфурт, Лондон и Лисабон.