Се работи за акција за откривање и заплена на фалсификувани пари. При претресите пронајдени се парични средства од околу половина милион евра, машини за броење пари, комплетна машинерија за фалсификување, како и оружје и муниција. Извршени се 23 наредби за претреси на лица и домови при што се обезбедени материјалните докази
Десет лица се приведени во акцијата „Вардар“ што денеска ја спровел заеднички истражен тим од Македонија и Србија, информираше Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Се работи за акција за откривање и заплена на фалсификувани пари. При претресите пронајдени се парични средства од околу половина милион евра, машини за броење пари, комплетна машинерија за фалсификување, како и оружје и муниција. Извршени се 23 наредби за претреси на лица и домови при што се обезбедени материјалните докази.
„При претресите се пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 500 000 евра, 25 000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1 800 израелски шекели, 500 хрватски круни, 10 000 албански леки, 1 000 шведски круни и 25 000 рубљи. Воедно се пронајдени топли ваљаци, преси, ЦНЦ машина за изработка на калапи и жигови со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, пиштол, куршуми, кесиња со прашкаста бела и кафеава материја, телефонски апарати, сим картички, УСБ, детектор за фалсификувани банкноти, холограми, бројачи на пари, други предмети за фалсификување пари и лаптопи кои ќе бидат предмет на вештачење. Воедно десет лица се лишени од слобода“,
соопшти Обвинителството.
Според обвинителството, со денешните активности е разоткриена криминална група што се занимавала со фалсификување и нудење на пазар на европска валута – евро во различни апоени. Координацијата и спроведувањето на активностите на македонската територија биле под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Операцијата се надоврзува на претходната операција од август минатата година спроведена од ОЈО Скопје и косовското Специјално обвинителство, кога беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите, а во Косово беше уапсен македонски државјанин кој ги произведувал и пуштал во оптек“,
се вели во соопштението.
Обвинителството информираше и за текот и резултатите при делот на операцијата што се спровел во Србија.
„Истовремено, во денешната акција во Република Србија се извршени претреси на повеќе локации во Нови Пазар, Нови Сад, Сомбор и Суботица и притоа се приведени шест членови од криминалната група, а запленети се 180 000 фалсификувани банкноти – евра“,
информира Обвинителството.