Станува збор за 36-годишен прилепчанец, кој е лишен од слобода и по комплетирањето на целокупната документација против него до Основното јавно обвинителство Битола ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, кривично дело за кое му била изречена и затворската казна со чие издржување завршил пред неполн месец
Полициски екипи од повеќе сектори и одделенија на Министерството за внатрешни работи денеска на регионалниот пат Битола – Прилеп спречиле транспрот на околу 35 килограми марихуана, соопштија попладнево од Министерството.

Како што информираат оттаму, дрогата била запленета во рамки на засилените активности на МВР во борбата против недозволената трговија со дрога, а во денешната акција учествувале полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола и Специјалната антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“.
Според МВР, дрогата била пронајдена во автомобил на 36-годишен прилепчанец, кој пред 20 дена излегол од затвор, каде издржувал казна од три и пол години поради недозволена трговија со дрога.
„По претходно преземени оперативни мерки кон И.А. (36) од Прилеп, кој пред 20 дена завршил со издржување на казна затвор во траење од 3,5 години за сторено кривично дело ‘недозволена трговија со дрога’, на регионалниот пат Битола- Прилеп сопрено е патничко возило ‘голф’, управувано од лицето И.А. и при извршен преглед на возилото, во багажниот простор пронајдени се две торби во кои беа сместени вкупно 35 пакувања со марихуана, со вкупна тежина од околу 35 килограми“,
стои во соопштението од МВР.
Дрогата, како што дополнително информираат од Министерството, во земјава била внесена од соседна Албанија, денеска во утринските часови, а И.А. требало да ја транспортира до државната граница со Грција. Таму марихуната требало да биде предадена за понатамошен транспрот до Турција.
Прилепчанецот, како што додаваат од МВР, е лишен од слобода во Полициската станица во Битола и по комплетирањето на целокупната документација против него до Основното јавно обвинителство Битола ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, казниво по член 215 од Кривичниот законик.
