„Активна блокада за спас од националната катастрофа“ пишуваше на транспарент кој пратениците од опозицијата го „распослаа“ пред местото каде што седи Талат Џафери. Од СДСМ, пак, им порачаа дека се единствената опозиција која блокира парламент во време на светска економска и енергетска криза. Ако сакаат избори, им порачаа социјалдемократите, тогаш ако можат нека најдат 61 пратеник за распуштање на Собранието

Со транспарентни за активната блокада што ја најави опозицијата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на денешната собраниска седница.
Седницата започна со доцнење од речиси два часа, а координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски, во процедурално обраќање ѝ забележа на власта за доцнењето.
Тој им порача на пратениците од мнозинството дека ним не им треба активна блокада зошто самите се блокираат и побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги укори оние што не се присутни во салата.
„Вие сте блокадата на државата, вие сте тие кои го кочите работењето на овој парламентарен дом. Активната блокада што ја предлагаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е за спас од национална катастрофа и затоа повикуваме на избори кои се излез од оваа криза која вие ја продуцирате“,
рече Мицевски.
По неговото процедурално обраќање, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред спикерот Џафери со транспарент „Активна блокада за национален спас“, а тој ги повика да седнат на своите места.

Џафери потсети на собранискиот Деловник и на обврските на пратениците за присуство, а во однос на транспарентот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потсети на последниот извештај од Европскиот парламент, поточно Комисијата за надворешна политика на ЕП што го добиле пред некој ден. Џафери прочита извадоци од извештајот и рече дека тој ќе им биде поделен на пратениците.

Од СДСМ, пак, порача дека ова е вистинската слика на ВМРО-ДПМНЕ – единствената опозиција која блокира парламент во време на светска економска и енергетска криза.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митрески, истакна дека блокадите на важни закони не се национален спас како што лаже ВМРО-ДПМНЕ.
„Не може ВМРО-ДПМНЕ да е за спас на земјоделството, кога три месеци го блокира Законот за земјоделство и рурален развој, не може да е за спас на енергетиката а осум месеци го блокира Законот за фотоволтаици. Две години го блокирате законското решение за локални патишта и инфраструктура. Е ова е тоа што вие го нудите како наводен национален спас“,
посочи Митрески.
Тој им порача дека ако сакаат избори треба да обезбедат 61 пратеник за распуштање на Собранието, но тоа не може да го направат па затоа се обидува да ја блокира работата на парламентот.
Активната блокада, според најавите на опозицијата, ќе трае се до постигнување договор за датум за предвремени парламентарни избори. Одлуката за блокада ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 4 мај. Активната блокада, велат од оваа партија, е барање на граѓаните, бидејќи, според нив, СДСМ создаде криза и сиромаштија.
Од опозицијата бараат лидерска средба за, меѓудругото, да се договорат и за датум за избори, но премиерот Димитар Ковачевски го одби ваквото барање посочувајќи дека нема да се одржи средба заснована на закани и уцени. Доколку евентуално се одржи лидерска средба, според Ковачевски, тогаш на неа ќе се разговара за прашања кои се стратешки и кои значат подобар живот на граѓаните.