„Ние родителите скапо го плативме данокот на корупцијата“, пишува на еден од транспарентите на учесниците во маршот
„63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“. Со ваков транспарент и слики од жртвите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, родителите од Кочани денеска предводат протестен марш во Скопје.
Како што и беше најавено, настанот започна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“. Маршот е мирен, има и редари, а учесниците во моментов се движат кон Собранието.
„Ние родителите скапо го плативме данокот на корупцијата“, „Колку детски животи треба да згаснат за вие да се разбудите?!“, „Кој ќе ни ги врати другарите?“, „Тишината е соучество“, „Профит во крв“, „Крени го гласот пред да е касно“, се само дел од преостанатите транспаренти со кои маршираат учесниците.
„Нашите деца умреа на 16 март. Шеесет и три деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме од вас милост, бараме да ни се придружите во борбата за правда, затоа што нашите деца го заслужуваат тоа. Маршираме за вистината. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба ваша поддршка“, порачаа претходно родителите во најавна видеопорака за маршот.
Денешниот марш се одржува четири дена пред почетокот на судењето за случајот.