„Зошто се вративте? Дали се чувствувате виновен?“, беа дел од прашањата што новинарите му ги упатија на Груби, на кои тој избегна да одговори и мирно придржуван од полициски екипи се качи во комбето на затворската полиција
По речиси шестчасовен распит, поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Артан Груби, вечерва од Основното јавно обвинителство Скопје е спроведен во Основниот кривичен Скопје.

Груби, по распитот кој започна околу пладне, околу 18:30 часот, беше изнесен од зградата на Обвинителството со лисици на рацете и качен во комбе на затворската полиција, пренесоа медиумите.
Спроводот беше извршен преку гаражите на околните објекти на Обвинителството.
„Зошто се вративте? Дали се чувствувате виновен?“,
беа дел од прашањата што новинарите му ги упатија на Груби, на кои тој избегна да одговори и мирно придржуван од полициски екипи се качи во комбето на затворската полиција.
Засега од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија нема официјална информација за распитот, како и за тоа дали евентуално ќе се бара потврда на 30-дневниот притвор што на Груби му беше одреден во отсуство во декември лани Груби или, пак, е можно да му биде одредена друга мерка за обезбедување присуство.
Артан Груби денеска наутро во 6:10 часот, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, се појави на косовско-македонската граница при влез во земјава на граничниот премин „Блаце“, по што беше спроведен од полицијата.
Тој беше однесен во затворот „Скопје“, во населбата Шуто Оризари, а потоа оттаму однесен на распит во Основното јавно обвинителство Скопје.
На социјалните мрежи и во дел од медиумите беше објавено видео од приведувањето на Груби на „Блаце“ на кое се гледа како тој, со јакна со качулка на главата и очила за сонце, со насмевка им ги подава рацете на полициските службеници кои му ставаат лисици. Потоа се гледа, како тој со црн шал си ги покрива дланките.
Груби е осомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од земјава и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.
Македонската полиција тогаш распиша меѓународна потерница по Артан Груби.
