Во кусата заедничка изјава на Пендаровски и неговиот албански колега Бајрам Бегај, македонскиот претседател нагласи дека ова е само почеток во низата заеднички средби како во Албанија, така и во Македонија. Претседателот рече дека со овие средби ќе покажат дека малцинствата што живеат во други држави ги имаат истите услови како да живеат во своите матични држави

Денеска сум тука да донесам книги на македонски јазик од нашите класици и на тој начин да помогнам македонските деца да го зборуваат македонскиот јазик и постојано да бидат во контакт со својата татковина, со својата матица.
Ова го порача претседателот Стево Пендаровски по посетата на заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“ во Општина Пустец, во рамките на еднодневната работна посета на Албанија.
„Денеска сум тука во ова училиште за да дадам и јас придонес, носам одредена количина книги на македонски јазик – нашите класици Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Живко Чинго итн. На тој начин сакаме да помогнеме македонските деца да го знаат, да го зборуваат македонскиот јазик и така да бидат постојано во контакт со својата татковина“,
изјави Пендаровски.

Иако доаѓа првпат, претседателот кажа дека оние што почесто го посетуваат Пустец велат дека условите за живот, но и за учење на македонски јазик, се одлични и оти има доволно наставен кадар во училиштето.
Во кусата заедничка изјава на Пендаровски и неговиот албански колега Бајрам Бегај, македонскиот претседател нагласи дека ова е само почеток во низата заеднички средби како во Албанија, така и во Македонија. Претседателот рече дека со овие средби ќе покажат дека малцинствата во други држави ги имаат истите услови како да живеат во своите матични држави.
„Она што Албанците го имаат во Македонија да го имаат и го имаат Македонците кои живеат во Албанија и обратно. Во тој дел, Северна Македонија и Албанија можат да бидат пример за сите во регионот, без исклучок“,
додаде шефот на државата.

Албанскиот претседател Бегај, пак, посочи дека Општина Пустец е позитивен пример за партнерските односи на две земји. Рече дека македонското малцинство во Албанија и Албанците во С Македонја се многу важни за односите меѓу двете земји.
„Албанците во Северна Македонија се многу добро интегрирани во општеството, придонесуваат во создавањето на државата и се активни и во политичкиот и во економскиот живот“,
рече Бегај.

При работната посета на Албанија, претседателот Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска утринава беа пречекани во центарот на Пустец со културно-уметничка програма во изведба на локални уметници.
Македонската делегација ја пречека претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, неговата сопруга Арманда Бегај, како и градоначалникот Пали Колефски.
По церемонијата за добредојде, претседателот и неговата сопруга продолжија во посета на црквата „Свети Архангел Михаил“ во Пустец и имаа средба со претставници на локалните власти.
Шефот на државата ќе го посети и селото Голомбок, по што ќе следува пленарен состанок на двете делегации. Во Пустец, Пендаровски ќе се сретне и со претставници на здружението на Македонците од Албанија „Сонце“ по што заминува за Поградец каде исто така ќе има средба со претставници на локалните власти.