На траектот избувнал пожар, па многумина од патниците скокнале во морето за да се спасат. Дел од загинатите се удавиле во морето, а дел од нив биле пеплосани од пожарот кој избувнал на траектот во близина на филипинскиот остров Басилан
Најмалку 31 лице загина во несреќа на патнички траект на југот од Филипините.
На траектот избувнал пожар во средата околу 23 часот по локално време кај филипинскиот остров Басилан, во момент кога голем дел од патниците спиеле во кабините на долната палуба на траектот.

Во моментот на несреќата, на траектот имало вкупно 250 патници и членови на екипажот. За да се спасат од пожарот, многумина од патниците скокнале во морето, a подоцна биле спасени од крајбрежната стража.
Дел од загинатите се удавиле во морето, а дел од нив биле пеплосани од пожарот кој избувнал на траектот.
„Првично беа пронајдени 10 лица кои починаа од давење, а потоа откривме уште 18 на бродот, во кабината. Тие загинаа на бродот поради пожарот. Беа целосно изгорени“,
изјави за „Ројтерс“ началник на крајбрежната стража во јужниот регион Минданао, Режард Марфе.

Службите за спасување трагаат по најмалку седум исчезнати патници, а најмалку 23 лица се повредени и пренесени во болница.
Властите допрва треба да ја идентификуваат причината за пожарот.
Морските несреќи се вообичаени во филипинскиот архипелаг поради честите бури, лошо одржуваните чамци, пренатрупаноста и непрописното спроведување на безбедносните прописи. Во декември 1987 година траектот „Дона Паз“ потона по судир со танкер со гориво, при што загинаа повеќе од 4 300 луѓе.