Во салата на Општина Чаир, каде што денеска еден од предводниците на „огнената група“, Изет Меџити, ја почна постапката за формирање ново движење, ги немаше градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, поранешниот вицепремиер Муса Џафери и ексградоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта, кои и претходно најавија дека не даваат поддршка за Меџити и за движењето за кое најави дека ќе се формира
Салата на Општина Чаир беше местото каде што попладнево Изет Меџити, еден од членовите на внатрепартиската фракција на владејачката ДУИ, ја почна постапката за формирање ново движење.

Придружуван од пратениците Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, поранешниот заменик-министер за одбрана Башким Хасани, но и од останати членови на „огнените” и функционери од ДУИ, Изет Меџити, заедно со неговите поддржувачи, на затворена седница разговараше за идејата за формирање ново движење.
Како што дознава „360 степени“, „огнените“ се прочистени.

Денеска со Меџити ги немаше градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, поранешниот вицепремиер Муса Џафери и ексградоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта, кои и претходно најавија дека не даваат поддршка за Меџити и за движењето за кое најави дека ќе се формира.
Меџити уште на почетокот на јули годинава во изјава за „360 степени“ рече дека сите опции се на маса, вклучително и формирање нова партија или движење, а подоцна во неколку јавни настапи го најави формирањето.
На ваквата идеја јавно се спротивставија други членови на ДУИ кои заедно со него беа во „огнената група“, меѓу кои: Беџети, Џафери и Бејта.