Во терористичкиот напад загинаа 12 лица, додека 29 други, меѓу кои и двајца полицајци, се повредени
Масовното пукање на познатата плажа Бонди во Сиднеј, Австралија, е прогласено за терористички напад од страна на полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мал Лањон. Нападот, според официјалните податоци, бил намерно насочен кон еврејската заедница за време на прославата на празникот Ханука. Согласно последните информации, загинаа најмалку 12 лица, додека 29 други се повредени.

Нападот се случи за време на настанот „Ханука покрај море“, а полицијата потврди дека во нападот учествувале двајца вооружени мажи. Еден од напаѓачите е убиен на местото на настанот од страна на полицијата, додека пак другиот е уапсен и се наоѓа во критична состојба во болница. Еден од напаѓачите е идентификуван како Навид Акрам, кој е жител на југозападен Сиднеј.

Комесарот на полицијата, Лањон, потврди дека биле пронајдени импровизирани експлозивни направи во возило поврзано со убиениот напаѓач, што е еден од факторите за прогласување на настанот за терористички.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе и премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, го осудија нападот како чин на злобен антисемитизам. Албанезе рече оти нападот е шок за Австралија и еврејската заедница и вети поддршка за семејствата на жртвите.
„Сцените во Бонди се шокантни и вознемирувачки. Нацијата е шокирана од насилството кое ги погоди луѓето додека уживаа на плажата Бонди. Сите Австралијци сочувствуваат со жртвите и нивните семејства“,
рече тој.
Медиумите известуваат за херојското дело на еден случаен минувач кој успеал да пресретне и да разоружа еден од напаѓачите, чија интервенција веројатно спречила поголем број жртви.
A bystander who was identified to be Ahmed El Ahmad a 43-year-old Muslim father of 2, jumped in to disarm one of the shooters at the Bondi beach mass shooting.
— 6ixBuzzTV (@6ixbuzztv) December 14, 2025
He was shot twice, but is recovering. pic.twitter.com/VZfB1gkPzF
Австралиските безбедносни служби најавија зголемени мерки за безбедност низ целата земја. Силни осуди за нападот врз Евреите пристигнаа и од Израел, Индија и Турција.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека го предупредил својот австралиски колега дека политиките на неговата земја го поттикнуваат антисемитизмот. Тој рече дека пукањето е ладнокрвно убиство и дека антисемитизмот се шири додека лидерите молчат.
