На собирот ќе се одржи и 16-минутен молк во 18 часот и 59 минути. 59 во знак на бројот на загинати лица, а 16 како симболика на датумот кога се случи трагедијата
На 3 Целзиусови степени, раздвижен соoбраќај на булевари кои не се регулираат со присуство на полицијата, неколку илјади граѓани се пристигнати на плоштадoт „Македонија“ во рамките на собирот познат како „Кој е следен“.

Собирот во Скопје е во знак на сеќавање и оддавање почит на трагично загинатите 59 лица во пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“, како и да им се даде поддршка на повредените кои се лекуваат во македонските и во странски болници.

Атмосферата е тивка и траорна. „Лесно запалива држава”, „Ќе немаше волку крв, ако сѐ беше по закон“ се само дел од транспарентите.

Плоштадот се полни, постојано се собираат уште луѓе.

На собирот ќе се одржи и 16-минутен молк во 18 часот и 59 минути. 59 во знак на бројот на загинати лица, а 16 како симболика на датумот кога се случи трагедијата.

„Кој е следен“ е движење кое се формира по смртта на Фросина Кулакова на 29 јануари годинава, кога беше прегазена поминувајќи пешачки премин кај пекарата „Силбо“, на „Партизанска“.

Со тоа започнаа протестите за правда, односно против систематското нефункционирање.
