Напаѓачот е азербејџански тренер кој упадна во рингот за време на финалето на Европското младинско првенство кое се одржа во Златибор
Македонскиот боксерски судија Стефан Цубалевски бил нападнат од страна на азербејџански тренер за време на финалето на Европско младинско првенство кое се одржа во Златибор, Србија. Инцидентот се случил во финалето до 75 килограми, во кое боксуваа Виктор Мајсторовиќ од Србија и Јусуф Агакишијев од Азербејџан.
Како што може да се види од видеото од настанот, на 52 секунди од крајот на втората рунда, младиот азербејџански боксер задава неколку удари. Српскиот боксер, кој и пред тоа имаше раскрвавен нос, се чини дека е во незавидна позиција.


Веднаш потоа судијата Стефан Цубалевски накратко ја прекинува борбата и разговара со азербејџанскиот боксер. Тоа не беше прв таков разговор во текот на втората рунда.

Додека судијата разговара со боксерот, во рингот влегува неговиот тренер, веројатно незадоволен од судењето. Одзади, прво го бутка Цубалевски.


А, потоа, почнува и да го дави.


Набргу во рингот влегуваат повеќе лица и ги раздвојуваат.


Поради нападот, очекувано, мечот беше прекинат. Младиот азербејџански боксер Јусуф Агакишијев службено го изгуби мечот поради нападот. Па, златото отиде кај Виктор Мајсторовиќ од Србија.
Видеото од нападот почнува на отприлика 3:31:50 од видеото.