На терен остануваат пожарникарите од Територијалните противпожарни служби од Свети Николе и Велес, како и од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и од ‘Национални шуми’. Тие, како што велат од ЦУК, работат на догаснување на остатоците од пожарот
Пожарот во месноста Кишински Рид во атарот на селото Дорфулија, Општина Лозово е локализиран и се очекува набрзо да биде изгаснат, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во гаснењето на пожарот, како што вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, учествувале трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и двата полициски хеликоптери, кои веќе се престанати со интервенција.
„На терен остануваат пожарникарите од Територијалните противпожарни служби од Свети Николе и Велес, како и од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и од ‘Национални шуми’. Тие работат на догаснување на остатоците од пожарот“,
вели Ангелов.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека хеликоптерите „ми-171“ и „бел 412“ за три часа направиле околу дваесетина прелети на областа и исфрлиле повеќе од 35 тони вода.
„Денеска во реонот на Лозово и селото Каратманово настана пожар во кој гореше висока борова шума. По известувањето од страна на Центарот за управување со кризи, хеликоптерите од Одделот за воздухопловни единици го локализираше пожарот кој беше затекнат во рана фаза. Хеликоптерите „ми-171“ и „бел 412“ заедно направија околу дваесетина прелети, во кои беа исфрлени повеќе од 35 тони вода. Акцијата траеше неполни три часа до потполно гасење на пожарот, со што беше спречен пожар од поголеми размери“,
се наведува во соопштението од МВР.
Пожарот избил денеска околу 13 часот во борова шума во месноста Кишински Рид во Општина Лозово.
