Екипа на „360 степени“ беше во Куманово каде што ја затече оваа слика
Во меѓувреме, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, во објава на својот фејсбук-профил, вели дека утрово во Куманово неколку лица запалиле автомобили и еден објект, а се сомнева дека лицата што го подметнале пожарот користеле уреди за блокирање на камерите
Пепел, оштетени уреди за фотокопирање, изгорени автомобили и оштетена фасада е она што денеска може да се види на четири улици во Куманово откако рано утринава биле запалени три автомобили и еден дуќан.
Екипа на „360 степени“ беше во Куманово каде што ја затече оваа слика.
Во разговор со сопственикот на еден од опожарените автомобили добивме одговор дека тој никако не е поврзан со политика.
Неговиот одговор следува откако претходно се дозна дека еден од опожарените автомобили е на јавниот обвинител Џелал Бајрами, а според информации на „360 степени“ другото возило е на близок роднина на пратеник и функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ). Опожарената фотокопирница, пак, е на советникот во Советот на Општина Куманово од редовите на ДУИ, Фитор Јакупи.
Бајрами во изјава за „360 степени“ потврди дека опожареното возило „пасат“ е негово и дека било паркирано пред домот каде што живее.
На прашањето дали има сомнежи кој би можел да го предизвика опожарувањето на возилото, Бајрами рече дека не се сомнева во никого и дека најверојатно станува збор за некоја криминална група.
Портпаролката на СВР Куманово, Ивана Младеновска, во изјава информира за запалените возила и дуќан и вели дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во меѓувреме, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, во објава на својот фејсбук-профил, вели дека утрово во Куманово неколку лица запалиле автомобили и еден објект, а се сомнева дека лицата што го подметнале пожарот користеле уреди за блокирање на камерите.
„Информираме дека надлежните институции и претставници на МВР извршија увид на местото на настанот, и во текот на денот ќе излеземе со нови детали. МВР ефикасно ќе го расветли случајот и вклучените лица ќе понесат одговорност. Сите треба да знаат дека сега е времето кога криминалците ќе ја добијат заслужената казна за своите дела. Помина времето кога правдата беше селективна. Сега никој нема да биде поштеден од одговорност за своите дела“,
пишува Исени.
За пожарот во фотокопирницата утрово преку објава на својот фејсбук-профил информира советникот во Советот на Општина Куманово од редовите на ДУИ, Фитор Јакупи, кој вели дека во раните утрински часови била опожарена неговата приватна канцеларија.