Премиерот ја нагласи значајноста од членството на НАТО за нашата безбедност и стабилност и во контекст на воената инвазија на Русија врз Украина. Во оваа разорна војна, рече тој, нашето место е на вистинската страна на историјата
Обраќање на централната церемонија имаше и министерката за одбрана Славјанка Петровска, која во говорот, меѓу другото, се осврна и на придобивките на Армијата и рече дека веќе следната година земјава ќе го исполни критериумот два отсто од буџетот да биде наменет за одбраната. Вториот критериум за одвојување на 20 отсто од одбранбениот буџет за опремување и модернизација на Армијата, пак, веќе е надминат
Северна Македонија на 27 март ја запечати својата безбедносна иднина. Момент по кој нашата стабилност не може да биде доведена под знак прашалник од никој. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и забрзано, порача премиерот Димитар Ковачевски на централната церемонија во касарната „Илинден“ во Скопје по повод три години од членството на државата во НАТО.

Зачленувањето во НАТО, според него, беше и момент кога престанавме да бидеме точна на дневен ред на безбедноста и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност.
Премиерот рече дека оние што не се горди и беа против членството во НАТО биле незначајна маргина, па затоа верува дека исто мнозинство се и за одлуките што се носат за пристапување кон ЕУ.

„Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за Европската Унија. Денеска, ние сме НАТО. Ја остваривме едногласната одлука на нашето Собрание од 1993 година и идејата на нашите предци, кои се бореа да сме еднакви со најразвиените. Успеавме да се избориме на овој пат со носење храбри, државнички и тешки одлуки. Со истото темпо продолжуваме и на нашиот пат кон членството во Европската Унија“,
вели Ковачевски.
Тој ја нагласи значајноста од членството на НАТО во однос на безбедноста и во контекст на војната што Русија ја започна во Украина.

„Поразлична перспектива на тоа колку е важна безбедноста и стабилноста ни даде бруталната неиспровоцирана воена инвазија која Русија ја врши врз Украина. Војна за каква мислевме дека европското тло нема повеќе да види. Наместо тоа, човечкото патење и ужасниот регрес на деструктивноста се повторува, и дополнително се трансформира во хибридна војна која користи сајбер и информациски оружја. Во оваа разорна војна, нашето место како и секогаш кога ќе се свртиме назад кон македонската историјата, останува исто, а тоа е да се биде на вистинската страна на историјата. Уште на почетокот, минатата година го осудивме овој конфликт, ја поддржавме и ја поддржуваме Украина, за која во континуитет обезбедуваме помош“,
рече Ковачевски.

На централната церемонија обраќања имаа и министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Петровска во говорот, меѓу другото, се осврна и на придобивките на Армијата и рече дека веќе следната година земјава ќе го исполни критериумот два отсто од буџетот да биде наменет за одбраната.

„Ако погледнеме на нашата работа дома, нашата цел не беше да ја внесеме само Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата – со опремата која секојдневно се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, секој армиски подофицер и офицер. А сето ова ќе беше невозможно без раст на буџетот на одбраната. И покрај сите економски предизвици со кои се соочи Владата и министрите од економските ресори, буџетот на одбраната расте, согласно новиот нашата земја ќе го достигне НАТО критериумот од два отсто од БДП алоциран за одбрана веќе следната година, додека вториот критериум за одвојување на 20 отсто од одбранбениот буџет за опремување и модернизација веќе и го надминавме имајќи предвид дека во 2023 година, 33 отсто од буџетот е токму наменет за опремување”,
рече Петровска.
Началникот на Генералштабот, Ѓурчиновски, пак, порача дека со пристапот и исполнувањето на задачите Армијата покажала дека е сигурен и одговорен партнер, како и дека сме оствариле најбрза воена интеграција во НАТО.

„Со континуирана одлучност, тридецениска напорна работа и посветеност успеавме да ја оствариме и најбрзата воена интеграција во НАТО, цел која ја постигнавме за 19 месеци од нашето полноправно членство. Успешното изодување на пристапниот пат е резултат на трудот, кој го вложија сите генерации наши припадници кои посветено следејќи ги препораките на Алијансата, ги применуваа стекнатите искуства и научени лекции од меѓународните операции и воени вежби за достигнување на потребните НАТО-стандарди“,
рече Ѓурчиновски.
Претходно, во Клубот на пратеници, пак, во организација на Министерството за надворешни работи, се одржа традиционалниот „НАТО појадок“, со учество на дипломатскиот кор. Со ова официјално ќе започнаа и Деновите на НАТО во државава кои ќе траат до 4 април.
