Премиерот Ковачевски, како што информираат од Владата, во разговорот со Ескобар истакнал и дека Северна Македонија продолжува да ги применува стратегиските политички определби за поддршка на процесите за активно учество на земјата во операциите на НАТО, како и за забрзување на интеграцијата во ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со заменик-помошникот на државниот секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, кој учествува на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид, пренесуваат од Владата.
„На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, беше истакнато дека односите меѓу Северна Македонија и САД бележат постојано унапредување што беше потврдено и со почетокот на процесот за Стратешки дијалог во Вашингтон на 2 јуни 2022 година. За истакнување е фактот, беше потенцирано за време на разговорот, што Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која го започна Стратешкиот дијалог со САД како следна напредна фаза во политичката и економската соработка со идентификување на нови проекти и иницијативи од заеднички интерес“,
се вели во владиното соопштение.

Ковачевски и Ескобар разговарале и за актуелната состојба со кризата и војната во Украина. Премиерот Ковачевски, како што информираат од Влада, истакнал и дека Северна Македонија продолжува да ги применува стратегиските политички определби за поддршка на процесите за активно учество на земјата во операциите на НАТО, како и за забрзување на интеграцијата во ЕУ.
„Заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, ја нагласи неопходноста од итен почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ и ја потенцираше поддршката на САД за изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија. Секое натамошно одлагање на тој процес, нагласија двајцата соговорници, предизвикува сериозни регионални последици и ги поттикнува ризиците за зголемено влијание на трети страни“,
додаваат од Влада.

Ковачевски зборувал и за придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“, за која и Ескобар изразил целосна поддршка, оценувајќи ја како значајна за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.