Дали МВР реагирало или ќе реагира, но и каков е ставот на Делегацијата на ЕУ за ваквиот однос на дел од амбасадорите на земјите членки на Унијата, се дел од прашањата што ги упативме на овие две адреси

Повеќе автомобили со дипломатски таблички утрово околу 10 часот непрописно беа паркирани на булеварот „Св. Климент Охридски“ во центарот на Скопје пред зградата на Делегацијата на Европската Унија.
Автомобилите беа паркирани на третата коловозна лента поради што возењето по неа беше невозможно.

Дали МВР реагирало или ќе реагира, но и каков е ставот на Делегацијата на ЕУ за ваквиот однос на дел од амбасадорите на земјите членки на Унијата, се дел од прашањата што ги упативме на овие две адреси.
„Дали може да потврдите дека во зградата во тие моменти се одржувал состанок на амбасадорите на земји членки на ЕУ?
Со оглед на тоа што автомобилите од фотографиите се непрописно паркирани на коловозот на булеварот, кој е ставот на Делегацијата на ЕУ за ваквиот однос на дел од амбасадите на земји членки на Унијата?“,
гласат прашањата што ги упативме до Делегацијата на ЕУ.
Во МВР, пак, прашавме: „Десетина автомобили се паркирани пред зградата на Делегацијата на ЕУ во центарот на Скопје на булеварот ‘Климент Охридски’. Зошто полицијата не интервенира и не ги отстрани?“.
До моментот на објавување на текстот не добивме одговори на поставените прашања. Од двете места најавија дека ќе одговорат, па кога ќе ги добиеме ќе пренесеме дали полицијата нешто презела и кој е ставот на Делегацијата на ЕУ.