Градот Буча, на македонската и светската јавноста им стана познат по тоа што во него беа пронајдени масовни гробници со над 400 тела откако беа протерани руските сили во април годинава

Кавадарци денеска се збратими со украинскиот град Буча.
Договорот беше потпишан денеска за време на посетата на украинската делегација во Кавадарци, каде домаќин беше градоначалникот Митко Јанчев.

„Во рамките на посетата, Општина Кавадарци потпиша официјален Договор за збратимување со Општина Буча, Украина. Средбата покрај ова беше искористена и за размена на информации за можностите за понатамошна соработка на различни полиња на делување на општината, како култура, спорт, бизнис и заедничко аплицирање на проекти, помеѓу градоначалниците на двете општини“,
соопшти Јанчев.
Дел од украинската делегација беше амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, заменик-градоначалникот н Буча Шепетко Серхи, претседателот на Здружението на Украинци во Македонија Александар Урбанович како и други претставници од Буча и украинската амбасада.
Градот Буча, на македонската и светската јавноста им стана познат по тоа што во него беа пронајдени масовни гробници со над 400 тела откако беа протерани руските сили во април годинава. Покрај за масовните гробници, светот сведочеше и на ужасните слики со убиени цивили расфрлени по улиците. Истрага за ова започнаа и обвинители за воени злосторства од Меѓународниот кривичен суд, а масакрот што го оставија зад себе руските сили предизвика низа протерувања на руски дипломати од европските земји.