Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, против осомничениот С. М. поднела кривична пријава за сторено кривично дело убиство по член 123 од Кривичниот законик (КЗ), додека жртвата е идентификувана како 53-годишната Х. А. од гостиварското село Равен, која била пријавена за исчезната од страна на нејзиниот син
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека го расчистило убиството на жената што синоќа била пронајдена закопана во дупка во атарот на гостиварското село Неготино. За убиството е осомничен 53-годишниот С. М. од селото, кој, како што информираа од Министерството, претходно дал лажен исказ во полициска станица во врска со случајот.

Дека тој е извршител на грозоморниот чин признала неговата сопруга, која на полицијата ѝ го посочила и местото каде што била закопана.
Инаку, жртва е 53-годишната Х. А. од гостиварското село Равен, која била пријавена за исчезната од страна на нејзиниот син.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, против осомничениот С. М. поднела кривична пријава за сторено кривично дело убиство по член 123 од Кривичниот законик (КЗ).
Од Министерството за внатрешни работи споделија и хронологија на настаните во врска со случајот.
Според нив, во вторникот на 9 декември синот на жртвата, 34-годишниот Ј.М. пријавил дека неговата мајка се оддалечила од нејзиниот дом во селото Равен. Подоцна на безбедносните камери тој забележал дека два претходно, односно на 7 декември, таа влегла во патничко возило марка „фиат“, по што станала недостапна на нејзиниот телефон.
Синот во полиција пријавил и дека на безбедносните камери забележал оти ноќта помеѓу 6 и 7 декември сега осомничениот С. М. влегол во неговата куќа и дека одзел пари од неговата соба.
Вчера рано утрото, во 2:15 часот, С. М. бил лишен од слобода поради сомнение дека ја принудил убиената Х. А. да замине од домот со него.
„По преземени мерки во врска со случајот, по извршени проверки на видеозаписи, констатирано е дека пријавениот дал лажен исказ во полициска станица. Воедно, од добиениот листинг на повици утврдено е дека Х. А. последен пат имала контакт со него на 07.12.2025“,
се наведува во соопштението од МВР.
Подоцна во текот на вчерашниот ден, по обезбедена судска наредба, истражните органи извршиле претрес во домот на С. М., по што од слобода била лишена и неговата сопруга Ѓ. В.(48).
Во службен разговор во полициска станица таа, како што соопшти МВР, признала дека нејзиниот сопруг С. М. со пиштол ја убил Х. А., а го посочила и местото каде потоа била закопана.
„Полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар во присуство на јавен обвинител извршија увид на местото во атарот на село Неготино каде што било пронајдено телото на Х. А. По наредба на јавен обвинител, телото е дадено на обдукција“,
велат од МВР.
Од Министерството на својот официјален јутјуб-канал споделија видеоснимка од местото каде што била закопана убиената жена.
На снимката можат да се забележат противпожарни екипи со лопати, полициски службеници и форензичари во скафандери за обработка на местото на злосторство.
Претходно денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопштија дека обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар синоќа извршил увид во атарот на гостиварското село Неготино, каде што било пронајдено тело закопано во дупка на засега неидентификувано починато лице.
Од Обвинителството информираа дека поради сомненија оти станува збор за жена која претходно била пријавена за исчезната, со индиции дека била противправно лишена од слобода, јавниот обвинител наредил обдукција и идентификација на починатото лице.
Во текот на ноќта биле преземени повеќе истражни дејствија, по што биле одредени и мерки против две лица.
Според првичното соопштение од Обвинителството за едно осомничено лице е одредена мерка краткотраен притвор од 48 часа со цел обезбедување докази, додека уште едно лице е задржано и за него се вршат дополнителни проверки.
