„Од денеска почнуваме и наутро по еден час да блокираме за да бидеме забележани. Немаме политичка, партиска агенда. Сакаме да живееме во здрава средина”, вели Зоран Стојковски
Педесетина граѓани утрово еден час ја блокираа крстосницата кај мостот „Близнаци“, како дел од протестот што десетина дена се организира секое попладне на истата локација. И утринава граѓаните од општините Аеродром и Гази Баба ги повторија своите барања за решавање на проблемот со дивата депонија Вардариште.

Протестот, како што велат од граѓанската и иницијатива „Стоп за Вардариште“, ќе трае секој ден и тоа еден час наутро, од 7.30 до 8.30 и попладне во 18 часот.
„Од денеска почнуваме и наутро по еден час да блокираме за да бидеме забележани. Немаме политичка, партиска агенда. Сакаме да живееме во здрава средина“,
вели Зоран Стојковски.
Тој упати апел до граѓаните да излезат на блокадите за да покажат дека сакаат воздух и сакаат да дишат.
За тоа дали на протестите попладне повторно ќе маршираат до општинската зграда, Стојковски вели дека одлуката ја носат кога ќе се соберат.

Прашан дали досега в.д. градоначалникот на Општина Аеродром и кандидат на локалните избори за прв човек на општината, Дејан Митески, досега излегол на протестите за да поразговара со нив, Стојковски рече „не“.
„Преку други луѓе ни беше кажано дека сака да се сретне со нас. Досега нема дојдено или, пак, излезено кога попладне маршираме пред општинската зграда”,
рече тој.

Протестите во Општина Аеродром почнаа изминатата недела откако претходно дивата депонија Вардариште се запали, а воздухот мирисаше на ѓубре и пластика.