Од СВР Тетово велат дека се преземаат мерки за целосно расветлување и документирање на случајот, кој и зошто ги запалил гумите на тоа место, а што претставува кривично дело загадување на животната средина и природата, кое е казниво согласно член 218 од Кривичниот законик

Облак од густ црн чад, кој се создава од запалени автомобилски гуми, го зафати денеска Тетовскиот Регион, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Автомобилските гуми, како што додаваат од ЦУК, горат спроти фабриката „Киел“, во селото Желино кај подвозникот кон село Сиричино. Според информациите од ЦУК, не постои опасност пожарот да се прошири и да зафати соседни објекти.
„Пожарот бил пријавен денеска околу 12:30 часот. Во гаснењето на пожарот се вклучени од Територијалната противпожарна единица Тетово. Но, гаснењето е отежнато поради големата количина на автомобилски гуми. Се очекува пожарот целосно да биде изгаснат за околу два часа“,
велат од ЦУК.
Случајот со запалени стари автомобилски гуми за „360 степени“ го потврдија и од СВР Тетово.
„Денеска во 12:20 часот во СВР Тетово пријавено е дека на отворен простор во близина на фабрика во тетовско Желино била запалена и горела поголема количина на стари гуми. Веднаш се испратени полициски службеници од полициското одделение Групчин, како и екипи од тетовската Територијална противпожарна единица кои интензивно се ангажираат за локализирање на пожарот“,
велат од СВР Тетово.


Оттаму додаваат дека се преземаат мерки за целосно расветлување и документирање на случајот, кој и зошто ги запалил гумите на тоа место, а што претставува кривично дело загадување на животна средина и природата, кое е казниво согласно член 218 од Кривичниот законик.
Сличен случај, како што додаваат од тетовската полиција, имале и пред неколку години кога гореле стари гуми на излезот од Гостивар кон Маврово.