На местото интервенираат пожарникари од Виница и Кочани, а се бара помош и од противпожарните единици од соседните општини
Според МВР, досега нема пријава за повредени лица
Голем пожар попладнево избувна во фабриката „Макпрогрес“ во Виница. Во моментов како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, со огнот е зафатен еден погон.

Од видеоснимките од местото на настанот, може да се види силен оган и густ чад како се издига од фабриката позната по брендот „Винчини“, а многубројни противпожарни екипи се на самото место и се обидуваат да се справат со пожарот.
Според Ангелов, на пожарот интервенираат територијалните противпожарни единици на Виница и Кочани кои се обидуваат да спречат огнот да се прошири кон останатите погони. На местото се и припадници на Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани.
„На помош тргнаа пожарникари од Свети Николе, Струмица и Пробиштип“,
информира директорот на ДЗС.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека пожарот бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
„Денес, во 18:40 часот, во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112 е добиена пријава за пожар во фабриката за кандирани производи и вафли ‘Винчини’ во Виница“,
велат од ЦУК.
Пожарот, како што информираат оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.

Од ЦУК велат дека до градоначалникот на на Виница, Миле Петков, е дадена насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.
„Веќе се вклучени ТППЕ Кочани и ДПД Кочани со сите свои капацитети и ресурси, а поддршка е побарана и од Општина Македонска Каменица и Штип. Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини. Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари“,
вели директорот на ЦУК, Мухамед Али.
За пожарот информираа и од Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека, според досегашните информациите, нема повредени лица.
„Денеска (6.9.2025) во 18:36 часот во ОВР Виница е пријавено дека настанал пожар во погони и магацини на фабрика во Виница. За гасење на пожарот се ангажирани поголем број противпожарни екипи од Виница и соседните градови, како и полициски службеници. Досега нема повредени лица“,
велат од МВР за „360 степени“.
