Комерцијалната брзина на пругата Скопје – Ниш – Белград ќе биде најмалку 160 километри на час, а, како што посочи македонскиот премиер, Министерството за транспорт и врски на Србија разговара и за зголемување на оваа брзина преку документација која се прави во Србија за патничките возови, што, додаде, ќе овозможи на Балканот да го има она што сме го гледале во земјите од Западна Европа
Според премиерката на Србија, со денешното потпишување на меморандумот се трасира патот за идниот развој на односите меѓу двете држави
Северна Македонија и Србија денеска потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси, како дел од железничкиот Коридор 10.

Меморандумот во Владата на Србија го потпишаа македонскиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски и српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ, а во присуство на премиерите на двете држави, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ, кои денеска имаа средба во рамките на работната посета на Ковачевски на Белград.
„Нашата посветеност на унапредување на соработката со сите земји во регионот, даваат бенефит за нашите граѓани, ние сме држава како и сите други држави од регионот со не толку силни економии како на земјите членки во ЕУ и затоа од голема важност е меѓусебно да соработуваме бидејќи во заедништвото е секогаш силата“,
изјави премиерот Ковачевски на прес-конференцијата по потпишувањето на Меморандумот.
Меморандумот за соработка, како што посочи македонскиот премиер, се однесува на железничката линија која треба да ги поврзе Атина-Солун-Скопје-Ниш-Белград-Загреб-Љубљана-Салцбург, со крак кон Будимпешта.
Инаку, конкретно предмет на Меморандумот е делницата Скопје-Ниш-Белград со крак кој во Скопје ќе се поврзе со Меѓународниот аеродром.
„Се работи за пруга која треба да се изгради во должина од околу 50 километри на територијата на Република Северна Македонија во првата фаза, а интенцијата е, како што кажа и премиерката на Србија, Коридорот 10 комплетно да биде изграден со нова пруга која ќе биде од Скопје до Солун, а потоа од Солун до Пиреа и Атина“,
рече Ковачевски.
Комерцијалната брзина на оваа пруга ќе биде најмалку 160 километри на час, а, како што посочи македонскиот премиер, Министерството за транспорт и врски на Србија разговара и за зголемување на оваа брзина преку документација која се прави во Србија за патничките возови, што, додаде, ќе овозможи на Балканот да го има она што сме го гледале во земјите од Западна Европа.
Во следните две недели владите на двете земји треба да формираат работна група која ќе го изготви планот за динамиката на активностите за реализација на овој проект.
„И ова е стартна точка од каде што се планира да започнеме со модернизација на железничкиот систем во државата“,
рече Ковачевски.
Македонскиот премиер на прес-конференцијата со својата српска колешка истакна и дека кога зборуваме за соработката, потврдуваме дека нашиот фокус мора да остане Европската Унија бидејќи земјите од Западен Балкан припаѓаат таму.
„Ние имаме нагласена европска ориентација, реформски сме ориентирани и подготвени да даваме придонес во меѓународната соработка во сите области“,
додаде Ковачевски.
Според премиерката на Србија, со денешното потпишување на Меморандумот се трасира патот за идниот развој на односите меѓу двете држави. Таа информира дека од српска страна е завршена брзата пруга од Белград до Нови Сад, а до крајот на 2024 година е планирано да се заврши и делот до Суботица, со што Србија ќе го има завршено целиот дел од Унгарија.
„Очекуваме до крајот на 2025 година и Унгарија да ја заврши делницата од Будимпешта до Суботица. Продолжуваме да вложуваме во железничкиот Коридор 10 со модернизација на пругата од Белград до Ниш. Нашиот план беше и од Ниш до Прешево, но веќе во последните неколку месеци почнавме да разговараме и оваа делница до Скопје и денес веќе го потпишуваме меморандумот“,
рече Брнабиќ, пренесува известувачот на МИА од Белград.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека со ова земјава презема обврска за овие проекти да обезбеди средства во меѓународните финансиски институции за час поскоро да започнеме со реализација на оваа регионална иницијатива.
„Со министерот Весиќ во рок од две недели ќе формираме работна група и таа работна група ќе почне да работи на акционен план со динамика за реализација на овој проект. Коридорот 10 за регионот е најзначајниот европски коридор кој не поврзува со Средна Европа и мораме да ги користиме потенцијалите и придобивките, а инвестициите не само што се потребни, туку се и неопходни за да останеме конкурентни на останатите рути во железничкиот и во товарниот транспорт“,
изјави министерот Бочварски, соопштија од Министерството за транспорт и врски.

Премиерот Ковачевски, заедно со министрите за транспорт и врски и за земјоделство шумарство и водостопанство, Благој Бочварски и Љупчо Николоски, од вчера е во работна посета на Белград, каде што учествуваше на вториот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“.
„Вчера, на отворањето на Саемот на вино, се покажа и докажа дека како земја имаме одлични резултати. Според последните податоци на ‘World Top Export’ Северна Македонија е прва земја во регионот по извоз на вино и по големината на неговата вредност. За прв пат пред Грција според најновите податоци кои вчера ги соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, а исто така сме пред другите земји во регионот, Бугарија, Словенија, Хрватска. Во 2022 година според вредноста на извозот на вино, каде што претходно бевме рангирани на 29. место, според најновото рангирање Северна Македонија е на 13. место во светот по извоз на вино со 60 милиони евра извоз на вино. Зад нас како што напоменав се наоѓаат голем број на држави кои што претходно биле пред нас. Најголем извоз на вино традиционално со години наназад имаме со Србија. Минатата 2022 година во Србија биле продадени македонски вина во вредност од над 20 милиони евра“,
рече Ковачевски.
Тој ѝ се заблагодари на српската премиерка Брнабиќ за тоа што веќе од утре започнуваат заедничките подготовки за презнетирањето на на Северна Македонија на Worlds Expo што ќе се одржи во Белград во 2027 година.

„Само можам да изразам комплименти за соработката која ја имаме и на ниво на претседатели на држави и на влади, на ниво на министри. Пред сè на ниво на граѓани кои пред сè се почитуваат, се сакаат и како што често пати кажува претседателот на Србија дека го сака многу македонскиот народ, исто можам да кажам дека и јас и сите наши граѓани го сакаат српскиот народ како еден од најпријателските“,
порача Ковачевски на крајот од своето обраќање на прес-конференцијата.