Напаѓачот, кој според полицијата е на возраст од 20 години и дејствувал сам, си го одзел животот откако отворил оган кон зградата на училиштето додека внатре се одржувала миса
Според шефот на локалната полиција, во нападот се повредени уште 17 лица, од кои 14 се деца
Најмалку две деца се убиени, а околу 20 лица се повредени во вооружен напад што денеска се случи во католичко училиште во американскиот град Минеаполис, во сојузната држава Минесота, јавуваат светските медиуми.

Смртниот биланс од трагичниот настан, според локалните власти, изнесува три лица.
Имено, како што соопшти полицијата, меѓу жртвите е и напаѓачот, кој според информациите самиот се застрелал откако испукал голем број куршуми кон училиштето.
Полицијата првично објави дека пет лица се мртви, но подоцна го ревидира бројот на жртви. Истрагата сè уште е во тек, а на граѓаните им е препорачано да ја избегнуваат училишната област.
Католичкото училиште „Благовештение“, каде се случил нападот, брои околу 390 ученици, од градинка до средно училиште, а се наоѓа во кампус на површина од 28 хектари.
Бројни припадници на службите за итни случаи се присутни на местото на настанот, вклучувајќи полиција, противпожарни и медицински екипи.
Нападот се случил додека во училиштето се одржувала миса, по повод првата недела од почетокот на новата школска година.
Шефот на локалната полиција Брајан О’Хара во изјава за медиумите рече дека најверојатно станува збор за еден напаѓач, на возраст од околу 20 години, кој е починат. Во тек, како што додава тој, е истрагата која треба да ги утврди мотивите за нападот.
„Веруваме дека станува збор за еден осомничен, единствен стрелец. Веруваме дека е починат. Има околу 20 години, нема богато познато криминално досие и ги разгледуваме информациите за да се обидеме да утврдиме некаков мотив“,
рече О’Хара, пренесува Си-ен-ен.
Тој додаде дека останува и да се утврди дали осомничениот за пукањето бил поранешен вработен во училиштето или поранешен ученик.
„Има возило за кое веруваме дека го користел осомничениот, кое се пребарува и ќе спроведеме и други претреси поврзани со настанот“,
рече тој.
О’Хара, исто така, соопшти дека осомничениот бил вооружен со пушка, сачмарка и пиштол.
Според шефот на полицијата, вооружениот напаѓач се приближил до училиштето од надворешната страна на зградата за време на мисата и почнал да пука со пушка низ прозорците на црквата.
„Истрелите биле испукани кон децата што седеле на клупите за време на мисата. Пукано е низ прозорците. Ги погодил децата и верниците што биле во зградата“,
изјави О’Хара.

Тој го опиша пукањето во црква полна со деца како „чиста суровост и кукавичлук“.
„Две мали деца, на возраст од осум и 10 години, беа убиени таму каде што седеа на клупите. Нивните родители се известени“,
рече тој.
Според шефот на полцијата, во нападот се повредени уште 17 лица, од кои 14 се деца.
Две од децата се во критична состојба, соопшти полицијата.
Четворица од 11 повредени кои биле примени во Медицинскиот центар на округот Хенепин имале потреба од операција, изјави д-р Томас Вајат, шеф на одделот за итна медицина на болницата.
Девет од лицата, како што соопшти тој, биле деца, додека двајца биле возрасни.
„До овој момент, нема смртни случаи поврзани со ниту еден од пациентите што биле донесени во нашата организација“,
рече Вајат, пренесе Си-ен-ен.
Гувернерот на Минесота, Тони Еверс, изрази сочувство и благодарност до службите кои реагираа на местото на настанот.
„Се молиме за децата, наставниците и целата училишна заедница додека чекаме повеќе информации“,
рече тој.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, настанот го опиша како страшен, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите на социјалните мрежи.
I’ve been briefed on a shooting at Annunciation Catholic School and will continue to provide updates as we get more information. The BCA and State Patrol are on scene.
— Governor Tim Walz (@GovTimWalz) August 27, 2025
I’m praying for our kids and teachers whose first week of school was marred by this horrific act of violence.

Во врска со настанот се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој во објава на неговата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social) напиша дека е целосно информиран за трагичната пукање во Минеаполис.
„ФБИ брзо реагираше и е на местото на настанот. Белата куќа ќе продолжи да ја следи оваа ужасна ситуација. Ве молам, придружете ми се во молитвата за сите засеганти“,
се вели во објавата на Трамп.

Инаку, според полицијата денешниот вооружен инцидент е четври по ред што се случува во Минеаполис во изминатите 24 часа и во кој има жртви.
Во текот на изминатото деноноќие три лица биле застрелани и убиени во три одделни пукања во овој американски град.
„Нивото на вооружено насилство низ градот во последниот ден е длабоко вознемирувачко. Во три одделни пукања со повеќе жртви, осум лица беа повредени од огнено оружје, а тројца ги загубија животите“,
соопштија од полицијата, додавајќи дека пукањето во училиштето не е поврзано со претходните.