За разлика од некои чествувања во изминативе години, особено во 2023-та, кога бугарскиот европратеник со контроверзни ставови за Македонија, Ангел Џамбаски, најави дека ќе допатува во Скопје, овој пат немаше никакви тензии или поголеми собири
Тишина и празни улици зад барикадите и полициските кордони – ова е сликата што денеска преовладуваше во околината на Скопското кале, во пресрет на одбележувањето на 153 години од раѓањето на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.
За разлика од некои чествувања во изминативе години, особено во 2023-та, кога бугарскиот европратеник со контроверзни ставови за Македонија, Ангел Џамбаски, најави дека ќе допатува во Скопје, овој пат немаше никакви тензии или поголеми собири.
Само официјалните делегации ја живнаа атмосферата, кога почнаа да пристигнуваат на гробот на македонскиот револуционер за да положат свежо цвеќе.
Први пристигнуваа членови и лидери на политичките партии, а по нив дојдоа некои од министрите и пратеници во Собранието. Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан пристигна во исто време со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.
По панихидата што ја одржа г.г. Стефан и интонирањето на македонската химна, прва на гробот на Гоце Делчев се поклони претседателката Сиљановска-Давкова, а по неа следуваше владината делегација на чело со Мицкоски.
Меѓу присутните што положија свежо цвеќе беше и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, кој беше во придружба на потпретседателката Фани Каранфилова-Пановска.
Од политичките партии на гробот на Гоце Делчев се поклонија и од Либералната партија, Левица и од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
На одбележувањето на 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев имаше присутни од дел од амбасадите во земјава, но меѓу нив немаше од Амбасадата на Република Бугарија.
Премиерот Мицкоски, честитајќи го денот на раѓањето на Гоце Делчев, рече дека тој е великан кој е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено.
„Македонскиот великан, идеолог, јунак Гоце Делчев. Тоа што го правевме во минатото продолжуваме да го правиме и како Влада. Цениме дека македонската влада треба да има традиција и во иднина да го чествува овој ден бидејќи ова е наш македонски великан кој е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено“,
рече Мицкоски во изјава за медиумите.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека во борбата на Гоце Делчев се вградени сите социјалдемократски вредности.
„Тој се борел за слободна Македонија, демократска, во која се гарантирани индивидуалните слободи на луѓето и секако правдата. Неговите мудри мисли се актуелни и релевантни и денес. Тој тргнал во борба повикувајќи ги сите луѓе, без разлика на нивната етничка, национална или политичка припадност, поради тоа што имале една цел, а тоа било слободна држава. Ние денеска треба да продолжиме во тој манир, да ги надминеме разликите кога станува збор за националните интереси и сите заедно да се бориме за уште попросперитетна и интегрирана во ЕУ Македонија“,
рече Филипче.
Велејќи дека идејата на Делчевизмот е идеологија која е неопходна денеска повеќе од кога било, портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми, рече дека коегизстенцијата, меѓусебното почитување, културното заемно збогатување се темелите под кои треба да ја градиме нашата заедничка иднина.
„Различностите што ги имаме не треба да бидат причина за поделби, туку напротив треба да бидат извор за поттик, сила и перспектива“,
додаде тој.
Одбележувањето и положувањето цвеќе продолжи од здруженија на граѓани и институции кои редот да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев го чекаа подалеку од црквата „Св. Спас“. Полициската барикада беше поставена кај надвозникот на мостот „Гоце Делчев“ каде што пред поставеното знаме од Кутлеш можеше да се види и претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев.