Како што посочуваат од МВР, денеска до Основното јавно обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава против четири лица и тоа три косовски и еден наш државјанин кои учествувале во акцијата. Тројца од нив се веќе приведени, а за едно лице, кое со товарно возило требало да ја преземе дрогата од Штип и да ја пренесе до Република Турција, се преземаат мерки за негово пронаоѓање
Во големата полициска акција против шверц на дрога која вчера се спроведе во Штип се запленети околу 150 килограми марихуана во вредност од околу 500 илјади евра. Дрогата, како што информира МВР, требало да биде транспортирана од Косово преку територијата на земјава, со крајна дестинација – Турција.
„Имено, во попладневните часови на 30.03.2022 на паркинг пред угостителски објект во Штип е забележано паркирано патничко возило ‘ауди А6’, со кумановски регистарски ознаки, а до возилото биле пријавените И.Д.(50), К.К.(39), двајцата од Подујево, Р Косово и Б.Р.(34) од Куманово. И.Д. и К.К. се обиделе да избегаат, но биле фатени и сите тројца се лишени од слобода“,
соопшти портпаролот на МВР Сузана Прањиќ Талевска.
Како што додаваат од Министерството, при прегледот на патничкото возило биле пронајдени вкупно 92 пакувања со марихуана. Дел од нив биле спакувани во патни торби, дел во багажниот простор од возилото во делот за резервната гума и на задните седишта од возилото.
Кај приведените лица, како што додаваат од МВР, се пронајдени и повеќе мобилни телефони, СИМ-картички од мобилни оператори од Р Косово и РС Македонија и пари, кои се предадени на вештачење.



Денеска, како што посочуваат од Министерството, до Основното јавно обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава против четири лица и тоа три косовски и еден наш државјанин.
Тројца од нив се веќе приведени, а за едно лице, кое со товарно возило требало да ја преземе дрогата од Штип и да ја пренесе до Република Турција, се преземаат мерки за негово пронаоѓање.