Четворицата астронаути од екипажот на „Артемис 2“ синоќа слетаа во водите на Тихиот Океан откако успешно ја завршија својата мисија со лет околу Месечината
Крајната цел на програмата „Артемис“ е долгорочно човечко присуство на Месечината, што треба да послужи како појдовна точка за идно истражување на планетата Марс
Екипажот на мисијата „Артемис 2“ на НАСА успешно се врати дома, слетувајќи во Тихиот Океан покрај брегот на Сан Диего, Калифорнија, синоќа во 2:07 часот по средноевропско време.
По околу час и половина од слетувањето во морските води, сите четворица астронаути – Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен, беа извлечени од капсулата и прво префрлени на брод на американската морнарица, а подоцна и на копно, официјално означувајќи ја мисијата „Артемис 2“ како целосен успех.

Откако сите четворица астронаути беа извлечени од капсулата, имаше еуфорија и голема прослава во контролата на летот на НАСА.
Слетувањето
Инженерите прво спроведоа неколку дополнителни тестови додека капсулата Орион беше во вода пред да го исклучат вселенското летало и да го предадат на спасувачки тим од американскиот воен брод.
За време на исклучувањето на Орион, контролорите на летот прво ги исклучија, во тој момент, небитните системи и ја ставија капсулата во режим за спасување. Тоа е важно зашто ја намалува потрошувачката на енергија и го подготвува вселенското летало за следниот чекор, додека спасувачките екипите се движат кон него.

По наредба на раководителот за спасување на НАСА, тимови на Агенцијата и американската војска се приближија до вселенското летало во гумени чамци.
Потоа екипажот беше извлечен од Орион и пренесен со хеликоптер на американската морнарица до воениот брод каде астронаутите беа подложени на медицински проценки пред враќањето на копно и летот до вселенскиот центар на НАСА во Хјустон.

По обезбедувањето, капсулата Орион се транспортира до поморската воздухопловна станица во Сан Диего, а потоа до вселенскиот центар „Кенеди“ за да се извршат неопходните проверки, пребарување податоци, отстранување товар и други проверки по летот.
Последните моменти од летот
Пред враќањето на Земјата, екипажот на „Артемис 2“ беше доста зафатен со подготвителните активности. Четворицата астронаути ја започнаа последната фаза од нивното враќање на Земјата со песните „Run to the Water“ и „Free“, додека се подготвуваа за третото корективно вклучување на моторот и последните подготовки за влегување во земјината атмосфера и слетувањето.

Последната фаза од спуштањето се одвиваше низ прецизно темпирана низа настани, која започна околу час и половина по полноќ.
Следна цел
Мисијата „Артемис 2“ започна на 1 април годинава, половина час по полноќ, со лансирање на ракетата од вселенскиот центар „Кенеди“, што го означи првиот човечки лет кон Месечината од 1972 година.

Тие исто така станаа првите астронаути што летаа во близина на Месечината по програмата „Аполо“ во 1960-тите и 1970-тите.
Крајната цел на програмата „Артемис“ е долгорочно човечко присуство на Месечината, што треба да послужи како појдовна точка за идно истражување на планетата Марс.
